Фото: Архива

Министерството за финансии промовира граѓанска обврзница со каматна стапка од 5 отсто годишно

Министерството за финансии промовира граѓанска обврзница со каматна стапка од 5 отсто годишно, со која државата би се задолжувала кај граѓаните, а за возврат граѓаните би добиле поголема камата доколку своите заштеди ги имаат во граѓански обврзници наместо во деловните банки. Од друга страна, според Министерството за финансии, на ваков начин добива и државата, бидејќи задолжувајќи се со други обврзници, таа ќе плаќа повисока камата кај други финансиски институции. Според извори во Министерството за финансии, ова е институционално-граѓанска вин-вин ситуација. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека со граѓанската обврзница, во период на висока инфлација, граѓаните ќе можат да инвестираат без ризици, а и да добијат повисока камата.
– Граѓаните што имаат навика сè уште да штедат под перница и сметаат дека е подобро да ги имаат парите при себе, сега, во период на инфлација, чувствуваат дека парите губат вредност надвор од системот. Токму тоа е една можност да ги вложат во државни обврзници со доста добри камати, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Препораки на Министерството зошто и како граѓаните да купат граѓански обврзници

Купувањето државни обврзници може да се направи во сите банки. Постапката е едноставна и граѓаните можат да си купат обврзница со финансиски средства што ги имаат на сметка или, пак, во готово. Право да купат ваква обврзница имаат сите македонски државјани. Од Министерството информираат дека купувањето на обврзниците има рок и ќе трае до 12 јули, а следниот ден ќе се одржи аукцијата. Тогаш ќе се соберат сите уплати што ги направиле граѓаните на име граѓанска обврзница. Исто така, за издвојување е информацијата за граѓаните оние што ќе купат обврзница, да очекуваат дека првата камата ќе ја добијат во јули следната година, а втората во јули 2025 година, кога ќе им биде вратен и целиот инвестиран износ. Од Министерството информираат дека вкупното задолжување на државата кај граѓаните се планира да биде во висина од 50 милиони евра. Сега стартува првата аукција и од планираните 50 милиони евра, во оваа фаза ќе биде задолжување и емисија на граѓански обврзници во висина од 10 милиони евра.

Симулација на сценарио (со најниското дозволено граѓанско вложување)

Имено, доколку се купи една обврзница од 10 илјади денари, што според регулираната процедура е најмал износ за купување граѓанска обврзница од еден човек (горен лимит нема), тогаш првата година се добива камата од 500 денари. Втората година исто така се добиваат како камата уште 500 денари, при што на крајот на втората година на вложените 10 илјади денари, ќе се вратат 11 илјади денари, односно заработка од 1.000 денари. За споредба, каматните стапки на орочени денарски депозити на 24 месеци во македонските банки се движат од 2,3 до 3,7 отсто. Тоа значи дека за орочени 10 илјади денари, за две години ќе добиете меѓу 460 и 740 денари камата.

Со секое задолжување со каматна стапка повисока од економскиот раст,
државата е во загуба?

Во врска со овој проект на Министерството за финансии, поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека со секое задолжување со каматна стапка повисока од економскиот раст, државата е во загуба.
– Во Македонија повеќе од 30 години не е остварен економски раст со просечна стапка повисока од 2,5 отсто, а за идниот период до 2027 година, ММФ, Светската банка и Народната банка прогнозираат раст од два до три проценти. Досега само министерот Бесими и Владата за периодот до 2027 година прогнозираат годишен економски раст од 5,4 проценти – тврди поранешниот министер за финансии.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, уште во мај, кога беше најавена граѓанската обврзница, рече дека таа нема многу да се одрази врз банките.
– Износот на граѓанската обврзница е исклучително мал износ во споредба со депозитниот потенцијал во банкарскиот систем, кој тековно изнесува околу осум милијарди евра, така што не би се очекувало дека тоа би имало некои позначајни ефекти врз банкарскиот систем – изјави гувернерката на средината на мај.


Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за Радио Слободна Европа: Граѓаните во банките чуваат 5,4 милијарди евра

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за Радио Слободна Европа вели дека сама по себе идејата за граѓанската обврзница не е лоша. И тој се согласува дека ова не е шанса за оние што немаат пари.
– Идејата е добра за оние што имаат пари. Сиромашните немаат пари за да штедат. Оваа идеја за граѓанска обврзница, што не е лоша, сепак повеќе ќе им одговара на луѓето што се побогати, кои имаат вишок пари и кои сега остваруваат само 2 отсто камата на своите милионски влогови во банките – вели тој.

Јовановиќ додава дека треба да се ограничи колку обврзници може да се купат, за да не дојде до ситуација сите обврзници да ги купи еден човек и да добива камата од 5 проценти.

Граѓаните и фирмите имаат депозити во банките од над осум милијарди евра. Само граѓаните во банките чуваат речиси 5,4 милијарди евра. Толку на пример изнесува и годишниот буџет на државата. Помалку од половина од депозитите на граѓаните им се во денари, а малку повеќе во странска валута.
Е.Р.