Фото: ЕПА

Се наметна како неопходност да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи што се градат и допрва ќе се градат. Имено, тоа вклучува и складирање на електричната енергија во таканаречени сториџи (батерии). Инсталирањето батерии кај електроцентралите ќе им овозможи на инвеститорите да продаваат електрична енергија и во периодите кога побарувачката е помала од понудата, со што ќе имаат многу подобар пазарен продукт и на тој начин нема да имаат загуби од нивното инсталирање

По повеќе од пет години, Министерството
за економија подготви нов предлог-закон
за енергетика

Министерството за економија достави предлог за нов закон за енергетика по повеќе од пет години, со кој ќе се уредуваат новите видови бизниси со продажбата на електрична енергија во земјата, а еден од нив е и складирањето на струјата.

Со новата регулатива ќе се направи обид да се реши предизвикот на „вишок струја“ од обновливите извори

Надлежните се обидуваат да го менаџираат новопојавениот енергетски предизвик со регулирање на употребата на батериски системи за складирање на вишокот произведена струја. Македонија поттикнуваше поставување фотоволтаици и сега доживува бум со производство на струја од обновливи извори на енергија, кои мрежата не може целосно да ги прифати. Новата легислатива, која е објавена на единствениот национален регистар за прописи, како и на веб-страницата на Министерството за економија, треба да овозможи да се продаде целокупната произведена електрична енергија.
Секој инвеститор што ќе изгради батериски систем, односно т.н. сториџи, ќе учествува на пазарот како оператор на складиште и ќе може да купува и продава електрична енергија. МЕПСО и операторот на мрежата во Македонија нема да смеат да градат батериски системи за комерцијални цели, освен доколку нема интерес од никој друг.
Претходно од енергетската aсоцијација реагираа дека големата инсталирана моќност на електроцентрали од обновливи извори на енергија може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа. Од Македонската енергетска асоцијацијата (МЕА) побараa да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи што се градат и допрва ќе се градат, со складирање на електричната енергија во таканаречени сториџи. Инсталирањето батерии кај електроцентралите ќе им овозможи на инвеститорите да продаваат електрична енергија и во периодите кога побарувачката е помала од понудата, со што ќе имаат многу подобар пазарен продукт и на тој начин нема да имаат загуби од нивното инсталирање.

Министерството за економија го објави и нацртот на нов посебен закон за обновливи извори на енергија

Во предложениот закон за енергетика како „стратегиски инвестициски проекти“ ќе се сметаат и инвестициите во инфраструктурата за струја, гас и водород, а Владата ќе може да додели државна помош како поттикнувачка мерка.
– Во последните години интересот за изградба на нови објекти за производство на електрична енергија енормно се зголеми, што доведува до ситуација на непланско градење и проблеми на инвеститорите со обезбедувањето приклучок на мрежа, продажба на електричната енергија и воопшто со балансирањето на електроенергетскиот систем. Со измените на важечкиот Закон за енергетика за првпат се регулира дејноста складирање енергија, но сѐ поголемиот интерес за инвестирање во складишта на енергија ја наметна потребата попрецизно да се регулираат прашањата кој, кога и како може да користи складиште – пишува меѓу другото во процената на влијанието на овој нов „енергетски“ закон.
Истовремено, Министерството за економија го објави и нацртот на нов посебен закон за обновливи извори на енергија.
Според МЕА, големата инсталирана моќност на електроцентрали од обновливи извори на енергија во текот на изминатиот период, а особено на фотоволтаични електроцентрали, сега може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа во Македонија. Од асоцијацијата побараа да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи што се градат и допрва ќе се градат, со складирање на електричната енергија во таканаречени сториџи.
– Сите фотоволтаици произведуваат електрична енергија во исто време и 80 отсто од произведената електрична енергија во текот на годината е во периодот од април до септември и од 9 до 17 часот – велат од МЕА.
Инсталирањето батерии кај електроцентралите што ја користат сончевата енергија за производство на струја ќе ја зголеми инвестицијата за 10-20 отсто, но ќе им овозможи на инвеститорите да продаваат електрична енергија и во периодите кога побарувачката е помала од понудата, со што ќе имаат многу подобар пазарен продукт и на тој начин нема да имаат загуби од нивното инсталирање.

Експертите сугерираат дека не мора сите решенија што се добри или барем прифатливи за поразвиените земји беспоговорно и директно да бидат прифатливи и за околностите и условите во нашата земја

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во летниот период, кога има најголемо производство на електрична енергија од фотоволтаици, можно е во периодот од 9 до 17 часот да има вишоци енергија.
– За таа енергија да се искористи рационално, потребно е секој што има фотоволтаици да инсталира батериски системи, а на тоа ќе ги натера и пазарот за нивното производствено портфолио да биде поконкурентно и со подобра цена. Тоа е најдобар начин да ја складираат енергијата и да ја понудат на пазарот кога ќе нема сонце, односно во ноќните часови – истакна Бислимоски.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, вели дека е добро што се работело на нов предлог-закон за енергетика, како и на предлог-закон за обновливи извори на енергија, затоа што промените во оваа област се случуваат навистина со голема брзина.
– Врз основа на првиот преглед на предлог-законот, мојот впечаток е дека со него се опфатени речиси сите значајни аспекти и редица прашања што се исклучително важни во современата енергетика, вклучувајќи ги и тие што се отвораат со зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори. Во предлог-законите се транспонираат директиви и регулативи во согласност со одлуки на Министерскиот совет на Енергетската заедница и Европската Унија, што од една страна дава сигурност во однос на сеопфатноста, но од друга страна упатува на неопходна претпазливост. Имено, не мора сите решенија што се добри или барем прифатливи за поразвиените земји беспоговорно и директно да бидат прифатливи и за околностите и условите во нашата земја – укажува Филкоски.