Статистичките податоци на Евростат покажуваат загрижувачки индикатори на европскиот пазар на трудот. Работна сила и за потребите на реалната економија и за секторот услуги во Европската Унија многу недостигаат. Паралелно, Евростат укажува и на драстичното „стареење“ на населението во Европа и природниот сѐ подинамичен одлив на работоспособното население. Надлежните веќе го вклучија црвеното светло за аларм

Длабок дефицит од работна сила на европскиот пазар на трудот

Статистичките податоци на Евростат покажуваат загрижувачки индикатори на европскиот пазар на трудот. Работна сила и за потребите на реалната економија и за секторот услуги во Европската Унија многу недостигаат. Паралелно, Евростат укажува и на драстичното „стареење“ на населението во Европа и природниот сѐ подинамичен одлив на работоспособното население. Надлежните веќе го вклучија црвеното светло за аларм.

Проекциите на Евростат

Како што може да се види во проекциите направени од агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат, уделот на населението на возраст од 65 или повеќе години ќе се зголеми од 21,1 отсто во 2022 година на 31,3 отсто до крајот на векот.
Поради ваквата ситуација, легалната миграција во Европската Унија ќе биде неопходно „да се зголемува за еден милион луѓе годишно за да се надоместат загубите во стареењето на работната сила во Унијата“. Оваа констатација во јавноста неколкупати ја повтори комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, во Атина, за време на посетата на Грција.
– Од демографски причини, работоспособното население во ЕУ ќе се намалува за еден милион годишно. Да повторам, се намалува за еден милион годишно! Тоа значи дека легалната миграција треба да расте за повеќе или помалку од еден милион годишно. И тоа е навистина предизвик – рече Јохансон во Атина.
Комисијата на ЕУ се обидува да финализира ревидирана финална општоприфатена верзија на правилата за миграција низ ЕУ пред крајот на нејзиниот мандат и изборите за Европскиот парламент во јуни. Прелиминарен договор беше постигнат минатиот месец.

Илегална и легална имиграција во ЕУ

Минатата година миграцијата во ЕУ достигна околу 3,5 милиони, со повеќе од 300.000 нерегуларни влезови, укажува статистиката на ЕУ. Наспроти тоа, европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон рече дека бројот на луѓе што пристигнуваат легално треба да се зголеми.
– Легалната миграција функционира многу добро, но тоа не е доволно – рече таа во говорот за време на посетата на Атина.
Јохансон додаде дека работната сила на ЕУ се намалува за еден милион луѓе годишно.
– Тоа значи дека легалната миграција треба да расте за повеќе или помалку од еден милион годишно – рече таа, додавајќи дека тоа треба да се направи „на уреден начин“.
Јохансон исто така ги повика земјите да ја спречат илегалната миграција, која секоја година во Европа носи стотици илјади мигранти од Африка, Блискиот Исток и други места, често по смртоносни патишта.
Нерегуларните пристигнувања на мигранти во ЕУ многу се намалуваат од 2015 година, кога го достигнаа врвот со повеќе од еден милион, до повеќе од 260.000 минатата година, при што повеќе од половина го преминале Медитеранот од Африка, преку Италија, Грција, Шпанија, Кипар и Малта.
ЕУ минатата година се согласи за правилата за порамномерно да ги подели трошоците за сместување мигранти и да го ограничи бројот на луѓе што доаѓаат користејќи ги мрежите на шверцерите.
– Мораме да ги избегнеме оние луѓе што ги користат шверцерите, кои често ги ризикуваат своите животи со нередовните пристигнувања. Тоа треба да се спречи – рече Јохансон, додавајќи дека има потреба од „глобален сојуз“ за соочување со шверцерските мрежи.
Иако загриженоста за миграцијата поттикна поддршка за екстремно десничарските и анти-ЕУ партии во многу европски земји, Јохансон тврди дека „отровот и предизвикувањето ксенофобија и расизмот“ се генерирани од илегалната миграција.
– Мислам дека она што нашите граѓани навистина нè прашуваат не е колку мигранти (пристигнуваат), туку ако го правиме тоа на уреден начин, како управуваме со тоа, кој има контрола или кој доаѓа – изјави Јохансон. Е.Р.