Фото: Влада

Крајната цел е основните и средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и прочистителните станици да добијат пониска цена на електричната енергија од пазарната и наместо да се финасира ЕВН и да му се плаќа маржа, ЕСМ директно да им ја продава на нив, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

– Мојот предлог е ЕСМ преку својата компанија за продажба, директно да им продава на овие категории на потрошувачи по цена, која што ќе биде пониска од цената која што е во моментов на регулираниот пазар за малите потрошувачи. На тој начин ќе избегнеме на ЕВН Хоум да им се даваат дополнителни пари за маржа, а ќе обезбедиме ЕСМ како државна компанија, која што добила субвенции од државата, да ги намали овие субвенции – рече Бислимоски во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.

На овој начин, како што нагласи, ќе им се помогне на училиштата, компаниите и јавните комунални претпријатија со цена која е поволна за нив и прифатлива.

– Со предлогот на опозицијата, доколку се вратат сите овие на регулираниот пазар на електрична енергија во тој случај цената на електрична енергија што ЕСМ ќе ја продава на ЕВН Хоум е 48 евра за мегават час, но маржата на ЕВН Хоум ќе се зголеми за дополнителни 5 до 6 милиони евра – посочи Бислимоски.

Тоа, според него, дополнително ќе врши притисок за зголемување на цената што ја плаќаат сите потрошувачи на регулираниот пазар по 1 јануари идната година.