Економската криза во која се наоѓаме е на ниво на елементарна непогода, односно енергетско цунами, без сериозна државна поддршка економијата ќе претрпи големи последици. Очекуваме од надлежните институции да ја оправдаат својата улога и да донесат храбри чекори за да им помогнат на компаниите во овој клучен момент, порачуваат од бизнис-заедницата
Претпријатијата се наоѓаат во исклучително тешка состојба предизвикана од растот на цените на енергентите, а за да се избегнат сериозни и долгорочни последици, неопходна е соодветно димензионирана и насочена државна поддршка.
Ова го изјави претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, во интервју за „Блумберг адриа“, појаснувајќи дека високите цени на енергентите ја прават деловната активност на компаниите неодржлива.
– Со енормниот раст на цените на енергентите, деловните активности на многу претпријатија стануваат неодржливи. Поради тоа значајна бројка на претпријатија го стопираат производството, а некои се трудат да го адаптираат во ноќен режим или со некои други модификации што ќе овозможат помала потрошувачка на енергија. Факт е дека Македонија не е директно погодена од цената на гасот бидејќи нема голема дистрибутивна мрежа, но порастот на цената на гасот на берзите веднаш повлекува и пораст на цената на електричната енергија, тоа влијае многу негативно – вели Ангелоски.
Тој се согласи дека цените на одредени суровини почнуваат да се стабилизираат, но сепак цената на најглавната суровина, енергентите, не само што не е стабилизирана туку продолжува да руши рекорди.
– Цената на гасот достигна 2.000 долари и никој не може да предвиди до каде ќе оди овој раст, а енергентите се основа на сите калкулации. Економската криза во која се наоѓаме е на ниво на елементарна непогода, односно енергетско цунами, без сериозна државна поддршка економијата ќе претрпи големи последици. Очекуваме од надлежните институции да ја оправдаат својата улога и да донесат храбри чекори за да им помогнат на компаниите во овој клучен момент – нагласи Ангелоски.
Коментирајќи ги мерките што ги најавија владини претставници по средба со една од стопанските комори, тој дополни дека смета оти испорачаните барања не се суштински и дека се потребни похрабри чекори.
– Барањата што се испорачаа сметаме дека не се суштински, повеќе се модификации на одредени состојби што ги имало во минатото, кои се незначителни и по количество и по обем. Сојузот на стопански комори бара похрабри реформи во инвестирањето во обновливи извори на енергија, како и да им се помогне на претпријатијата во достапност на струја од државните електроцентрали – рече Ангелоски.
Понатаму тој се осврна и кон прогнозите, според кои, македонската економија во последниот квартал од оваа година, веројатно, ќе влезе во рецесија, како и кон тоа дека почетокот на преговорите за членство во Европската Унија може да биде позитивен сигнал за странските инвеститори.
– Очекуваме почетокот на преговорите со Европската Унија да влијае позитивно во однос на привлекувањето странски инвестиции. Но ќе видиме во следниот временски период, бидејќи европските држави се соочуваат со голем број проблеми поврзани со енергетската криза – заклучува Ангелоски. Е.Р.