Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

По новите случаи на оштетени македонски возила во Грција

Искршените стакла на оштетени автомобили со македонски регистарски таблички ги вознемирија македонските туристи во Калитеа и Афитос на грчкиот полуостров Халкидики во изминатите денови, а оштетувањето возила во странство се случувало и во минатото. Како да постапат македонските граѓани доколку им биде оштетено возило во странство, или конкретно во Грција, што потоа им следува, прашавме во македонски осигурителни компании.

Од навредливи налепници до искршени стакла: Македонски автомобили одново страдаат на Халкидики

Бобан Томески, директор на Сектор за обработка на штети во „Кроација осигурување“ вели дека она што е факт е, иако можеби не е толку често како во минатото, сепак сѐ уште се случуваат вакви немили настани кои на нашате граѓани им предизвикуваат немир, а се разбира и непланиран финансиски трошок при престој во странство, односно годишен одмор во соседна Р.Грција.

Пријавете во полиција

– Во случај на оштетено возило од непознат сторител кое оштетување не е причинето со употреба на познато моторно возило, туку со непознат цврст предмет, како што е случајот од пред два дена во Грција кога беа оштетени неколку возила, сопственикот на оштетено возило случајот треба веднаш да го пријави во најблиската подрачна канцеларија на министерството за внатрешни работи. Со самото пријавување дека возило кое е во негова сопственост или владение е оштетено и добивањето на службена белешка, односно Потврда за настанот од страна на министерството за внатрешни работи на Р.Грција, не значи и остварување на правото за надомест на претрпена материјална штета, но истото е граѓанска одговорност и давање можност за откривање на сторителот и негово санкционирање – објаснува Томески.

Тоа што сите возила се осигурани со регистрацијата, мора да се посочи, вели тој, дека тоа е друг вид на осигурување преку кој не го осигуруваме нашето возило, туку нашата одговорност за штети кои ние или некој кој со наша дозвола ќе го управува со возилото ќе ги предизвика на трети лица.

-За да бидеме појасни, осигурувањето кое македонските граѓани го купуваат при регистрација на возилото е осигурување од автомобилска одговорност и истото е задолжителен вид на осигурување, додека, осигурување на моторното возило – Каско, е доброволен вид на осигурување и осигурување со кое обезбедуваме осигурително покритие за нашиот имот (возило) – објаснува Томески.

Во кој случај следува обесштетување и како да се реализира?

Сопственик на моторно возило кое било оштетено во ваков настан, има право на обесштетување во случај доколку има Каско-полиса, а постапката за пријава на штета е едноставна.

-По враќање во Македонија штетата треба да ја пријави во Друштвото за осигурување од кое има обезбедено полиса за осигурување на моторни возила – каско, со давање на опис на настанот и потврда дека истиот е пријавен во министерството за внатрешни работи на Грција. Во пракса, како за овој вид на случаи, така и за кој било вид на штета се препорачува доставување на слики од лице место, кои ја олеснуваат и убрзуваат постапката за обесштетување – вели Томески.

Втората и далеку посложена можност за обесштетување, што во пракса речиси и да не се остварува, вели тој, е по откривање на сторителот кој ги оштетил возлилата, покренување на судска постапка, по која тој би бил задолжен да ги надомести предизвиканите штети.

-Од претходното, може да заклучиме дека од овој настан само сопствениците на оштетени возила кои имаат соодветно осигурително покритие – каско осигурување, може да наплатат штета од Друштво за осигурување – додава Томески.

Што значи Зелената карта?

Ирена Велкоска-Спировска, директор на Секторот за процена и ликвидација на штети и член на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, како и претседател на Стручен одбор на Зелена карта во Национално биро за осигурување – Македонија објаснува дека полисата за автоодговорност е задолжителна при регистрација на возилото и покрива штети на трети лица кои што се настанати на територија на Македонија а предизвикани од возачот на осигуреното возило.

-Зелената карта е проширување на територијалното покритие на осигурувањето од автоодговорност. Таа ги покрива штетите на трети лица предизвикани од страна на осигуреникот (возачот на осигуреното возило), настанати надвор од територија на Македонија и важи во сите европски земји кои се наведени во истата. Овие штети ги покрива осигурителната компанија преку која е издадена Зелената карта. Во случаите како што ги гледаме деновиве, се работи за оштетување на возила со македонски регистрации од непознат сторител. Штетите во ваков случај се предмет на Каско-осигурување кое сопствениците можат доброволно да одлучат да си го обезбедат. Каско-осигурување на „Еуролинк осигурување“ покрива штети на возило на осигуреникот кои се настанати по вина на самиот осигуреник, но и штети предизвикани од непознат сторител. Штети предизвикани од непознат сторител надвор од територија на Македонија се исто така покриени со Каско-осигурувањето – објаснува Велкоска-Спировска.

Во случај на Каско-штета настаната во Република Грција, по завршување на процедурата на пријава во полициската станица, осигурениците, вели таа, можат директно да дојдат во „Еуролинк осигурување“ и да ја пријават штетата. Доколку се работи за штета на моторно возило која е во поголем обем и возилото е неподвижно, односно оштетени се витални делови, по претходна комуникација со компанијата, осигурениците можат да добијат совет за понатамошни дејствија како и услуга (фотографирање, проценка на штетите) која ќе биде направена од страна на коресподент во Грција.

-„Еуролинк осигурување“ има 34 коресподентски договори со странски осигурителни компании ширум Европа токму со цел да обезбеди што подобра и побрза услуга за осигурениците во вакви ситуации – вели Велкоска-Спировска.