Фото: Пиксабеј

Цената на нафтата на светските берзи минатата седмица се покачи за повеќе од десет проценти достигнувајќи го највисокото ниво за последните пет недели, откако ОПЕК и партнерите на картелот најавија значително намалување на производството од ноември.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се покачи за 11,3 отсто, на 97,92 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 16,5 отсто, на 92,64 долари.

Наглиот скок на цената на нафтата е последица на одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, од ноември да го намалат дневното производство за два милиони барели. Неколку членки на „ОПЕК +“ се обидуваат да ги исполнат договорените производствени квоти обременети од недоволни инвестиции или од санкции. Картелот заостануваше со производството за околу 3,6 милиони барели дневно зад целите предвидени за август.

„Снабдувањето всушност ќе се намали за милион до 1,1 милион барели дневно, со учество на Саудиска Арабија од 500 илјади барели дневно“, рече саудискиот министер за енергетика Абдулазиз бин Салман. Само еден месец подоцна, Европската унија ќе воведе ембарго на руската нафта што се испорачува со бродови, со што ќе се намали понудата на и онака значајно стеснетиот пазар.