Важно е студентите за време на студирањето да имаат можност за вистинска пракса, можност за оспособување за пазарот на трудот, како и отвореност на бизнис-секторот за овие најмлади, кои имаат потреба да ја надградат теоријата со најновите техничко-технолошки промени, со цел да се зголемат продуктивноста и економскиот раст и развој
Состојбата и предизвиците во бизнисот и економијата – панел-дискусија во рамките на седмата меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“
Бизнис-секторот во земјава има исклучителна потреба од млади квалификувани кадри, но проблем е што во образовниот процес тие не се доволно остручени веднаш да одговорат на предизвиците што пред нив ги поставуваат компаниите. Од тие причини, потребно е развивање на вештини кај младите луѓе и поинтензивна соработка на бизнис-секторот со образованието, уште пред чинот на дипломирање.
– Важна е соработката меѓу комората и факултетите. Важно е студентите за време на студирањето да имаат можност за вистинска пракса, можност за оспособување за пазарот на трудот, како и отвореност на бизнис-секторот за овие најмлади, кои имаат потреба да ја надградат теоријата со најновите техничко-технолошки промени, со цел да се зголемат продуктивноста и економскиот раст и развој – истакна Габриела Кулебанова, претседателка на Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора, говорејќи на неодамнешниот панел посветен на бизнисот и економијата, а во рамките на седмата по ред меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“, организирана од страна на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Проф. д-р Татјана Бошков го насочи своето излагање на индексот на економски дискомфорт, гледајќи го како економски и политички предизвик.
– Индексот на економски дискомфорт познат како показател на економската благосостојба на една земја, во економијата и политиката се користи и за предвидување на социјалните прашања, како што се криминалот, сиромаштијата, стапката на самоубиства, па дури и резултатите од изборите. Претпоставката е дека поголемата невработеност, влошувањето на инфлацијата и трошоците за задолжување создаваат економски и социјални трошоци или мизерија за една земја, но тоа се компензира со растот и вработеноста. Во оваа насока, јавната политика е клучна со своите опции и решенија да обезбеди реформи и пат за минимизирање на економската беда, како една од главните цели на сите економии во последните децении. Истражувањето потврди дека индексот на мизеријата е толку висок за Македонија што секоја година ја рангира нашата земја на повисока позиција, а тоа значи дека збирот на лошите параметри – инфлацијата, невработеноста и кредитирањето – има многу поголема вредност во однос на добрите параметри (БДП по жител), потврдувајќи ја исклучително лошата економска благосостојба. Невработеноста е главниот проблем за ваквата состојба во Македонија и има директно влијание врз животниот стандард на нашето население. Тргнувајќи од фактот дека јавната политика игра важна улога во справувањето со економската мизерија, Владата треба да ги користи инвестициите како алатка за надминување на економската мизерија преку значително подигнување на нивото на инвестициите, со чија помош ќе се неутрализираат лошите параметри во Македонија – потенцираше Бошков.
Проректорот Мишко Џидров ја потенцираше важноста на студиските програми, влијанието на дигитализацијата и како да успееме да бидеме во чекор со технолошките промени во произведувањето кадар за пазарот.
– Дигиталната трансформација, вклучувајќи го и дигиталниот пристап за студентите, е неизбежна. Потребно е да се прифатат онлајн платформите за учење и да се интегрираат образовните технологии. За да одговорат на овие барања, универзитетите треба да ги адаптираат своите програми и методи на учење, со воведување флексибилни пристапи како што се хибридно учење, асинхрони наставни методи и индивидуално управување со студиските патеки. Исто така, треба да се понудат различни формати на учење, вклучувајќи кратки курсеви, микрообуки и сертификати за учење – истакна проф. д-р Џидров.
Претставничката од Министерството за финансии, д-р Анита Стамнова, е на ставот дека е потребна фискална консолидација, доколку интенцијата е да се намалат буџетските трошоци.
– Во последните години, забележливо е дека буџетските трошоци растат со побрзо темпо во однос на буџетските приходи, со што се зголемува буџетскиот дефицит, а сето ова води кон зголемување на државниот и јавниот долг. Потребна е фискална консолидација на буџетот преку зголемена контрола на наплатата на приходите и трошењата на државните пари – потенцираше Стамнова.
За потребата од висококвалификувани работници говореше и д-р Огнен Фирфов од „Македонски телеком“ АД Скопје, кој смета дека мора да се следат технолошките дострели.
– Потребата за квалификации на вработените драматично се менува. Во 2030 ќе бидат потребни нови 360 илјади експерти за телекомуникации, ИТ и ИТ-безбедност. Примената на вештачката интелигенција драматично навлегува и прави сериозни промени во бизнис-моделите и потребите за работна сила во компаниите – се произнесе Фирфов.
За тоа кои се бенефициите од родовата еднаквост за економскиот раст свои видувања изнесе директорката на „Халк осигурување“ АД Скопје, Соња Паневска.
– Кога се обезбедува рамнотежа во учеството на жените и мажите во работната сила и бизнисот, се стимулираат иновациите и креативноста, што резултира со подобра конкурентност на компаниите и економијата во целост. Освен иновации и креативност, бенефициите се согледуваат и во продуктивноста и растот на потрошувачката моќ – рамнотежа на половите во работната сила значи поголема финансиска независност за жените, што води кон поголема потрошувачка моќ во општеството – заклучи Паневска. С.Т.