Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески ги именуваше своите советници од кабинетот д-р Елена Милевска Штрбевска и Јадранка Аризанковска за модератори и олеснувачи на преговарачкиот процес за надминување на административните бариери во економската соработка меѓу Србија и Косово, што ќе се одвиваат меѓу тимови од стопанските комори на двете земји, соопштија од комората.
Првиот состанок ќе се одржи во четврток во Скопје и ќе се одвива во утврдена динамика, со цел што побрзо разрешување на сите спорни прашања поврзани со административните бариери кои ја кочат економската соработка меѓу овие две земји.
Веќе 12 години се одвива дијалогот Белград – Приштнина, со посредство на Европската Унија, во кој на политички план сѐ уште не се постигнати значителни резултати. Од прогласувањето на независноста на Косово, во 2008 година, помеѓу двете земји постојат различни предизвици во однос на економската размена, имајќи предвид дека официјален Белград не ги признава документите кои ги издаваат косовските институции, како на пример сертификатите за потекло на производите од Косово.
Усогласувањето на спорните прашања во трговската соработка меѓу Србија и Косово е исклучително важно економско, но и политичко прашање, од причина што тоа може да доведе до нормализација на односите помеѓу овие две земји, како нов исчекор во децениските тензични односи. Постојат и веќе потпишани договори кои треба да обезбедат основа и инструменти за значајно подобрување на конкурентноста, економската кохезија и поврзаноста на целиот регион на Западен Балкан. Од тие причини и Стопанската комора на Македонија, како активен учесник во процесите на унапредување на регионалната соработка, посветено се вклучи и во овој процес чии придобивки би значеле и поттикнување на креативниот, економскиот и научниот потенцијал на регионот во целина.
За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговската размена, сега е вистинско време да се повлечат мудри потези, во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговската соработка, што ќе обезбеди економски просперитет на двете земји, но и на Западен Балкан во целина. Затоа, за почеток е потребно отстранување на сите административни бариери и создавање услови за подобрување на економската соработка, доколку сакаме странските партнери и меѓународните институции да гледаат на регионот како просперитетен иден политички и економски партнер.
Обемот на соработката во рамките на регионот се намалува, земјите се слабо интегрирани во светската трговија, а наспроти тоа светскиот извоз во изминатиот период забележува значителен пораст. За илустрација, земјите од Западен Балкан со извоз на добра и услуги од близу 40% од БДП далеку заостануваат во однос на другите земји, како, на пример, Словачка, Естонија, Летонија и Словенија, чиј извоз достигнува и до 80 отсто од БДП.
Влегуваме во неизвесност која е катастрофална за бизнисот. Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција, бидејќи ваквата неизвесност е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој, се вели во соопштението на Стопанска комора.