Познавачите велат дека во вакви кризни состојби сите идеи за одржување на бизнисот се добредојдени, но проблем е системот, кој не е поставен така што ќе овозможи лесно да функционира тоа

Мерките за превенција од ширење на коронавирусот во земјава многу компании ги принудија да бараат алтернативни решенија за да им овозможат на своите вработени секојдневно безбедно извршување на работните задачи. Целта е работата да може непречено да тече, а вработените да бидат дома, на сигурно, почитувајќи ги мерките за заштита од вирусот што ги пропишале здравствените власти. Прашањето е дали тоа ќе го поттикне претприемачкиот дух и ќе продуцира идеи за самовработување…
Властите во Македонија последните десетина години стимулираат процес на самовработување со финансиска поддршка за бизнис-идеи. Искуството покажа дека постои интерес, особено кај младите, и дека многу од тие идеи се успешни приказни на пазарот.
Познавачите велат дека во вакви кризни состојби сите идеи за одржување на бизнисот се добредојдени, но проблем е системот, кој не е поставен така што ќе овозможи лесно да функционира тоа.

Анѓел Димитров, претседател на организацијата на работодавци, вели дека од оваа ситуација ќе сигурно произлезат и некои позитивни искуства во однос на начините на работење, па дури и во насока на можностите за работа од дома или за самовработување. Но тој, сепак, е воздржан во очекувањата.
– Сето тоа ќе биде забележливо во мали проценти. Најчесто работа од дома може да се организира во некои услужни дејности, во ИТ-индустријата, па дури и во банките. Оние дејности како металургијата и текстилно-преработувачката индустрија не можат да се работат од дома, така што дејностите што можат да се работат од дома не можат да бидат голема движечка сила за нашата економија – посочува Димитров.
Според експертите, самовработувањето може да сигнализира присуство на претприемачки дух во динамични и иновативни економии, но тука има несигурна природа на договорите за вработување.

Додека самовработените бараат да имаат поголема автономија и флексибилност на работното место, во моменти како овие, токму самовработените би можеле да бидат меѓу оние што се економски засегнати од коронавирусот.
Според податоците на Евростат, во 2018 година самовработувањето обезбедило работа за околу еден од седум (14 отсто) вработени лица на возраст од 20 до 64 години во ЕУ (26 милиони лица). Меѓу регионите на ЕУ, најголем удел на самовработување е забележан во јужниот грчки регион Пелопонизос, бидејќи повеќе од две петтини (42 отсто) од тамошната работна сила биле самовработена. Со стапки на самовработување од над 31 отсто, 11 од 13 грчки региони забележаа највисоки стапки меѓу регионите на ЕУ.

Спротивно на тоа, најмал процент на самовработување е забележан во главниот град на Романија, Букурешт (4 отсто), по што следуваат одредени региони во Унгарија и во Романија (со по 6 отсто), како и во Шведска (со 7 отсто). Некои од најниските удели на самовработување (со околу 7 отсто) беа генерално регистрирани во северниот и западниот регион на ЕУ, во неколку северни региони на Германија, Данска и Луксембург.

[email protected]