Од вкупно регистрираните 262 милиони автомобили во земјите-членки на Европската Унија, околу 2 милиони, или само 0,8 проценти, се класифицирани како електрични автомобили или како хибридни електрични автомобили што може да се возат во комбинација со бензински или дизел-мотор. Сепак, аналитичарите на „Евростат“ утврдиле дека постои постојан пораст на бројот на електрични и хибридни електрични автомобили низ ЕУ во последниве години. Притоа е посочено дека особено голем пораст бил забележан во текот на 2017 година, кога бројот на хибридни електрични бензин автомобили достигнал 1,5 милион.

– Тој беше речиси седум пати поголем од бројот регистриран во 2013 година, кога имало само 0,2 милиони. Меѓу земјите-членки на ЕУ за кои има достапни податоци, имаше пет земји со по повеќе од еден отсто регистрирани електрични или хибридни електрични возила. Тоа се Шведска со 2,4 отсто и Полска со 1,9 проценти, потоа следуваат Обединетото Кралство со 1,5, Франција со 1,4 и Белгија со 1,2 отсто – е наведено во извештајот на „Евростат“.

Во Македонија недостига официјална бројка за бројот на електрични автомобили, но се проценува дека вкупната бројка изнесува околу 80 електромобили, ако на нив се додадат и хибридните возила, тогаш бројката изнесува 200. Притоа се посочува дека 47 електрични автомобили се во главниот град, додека другите се низ градовите во државата.

Генерално, порастот на електричните возила во земјава е спор, бидејќи во 2015 година имало 33 електрични возила, додека за три години таа бројка достигнала само 80 возила.

За да се стимулира купувањето електрични возила, најавени се субвенции од повеќе надлежни институции. Владата субвенционира набавка на нови хибридни и електрични возила, додека, пак, градот Скопје поддржува набавка на електрични скутери. Е.Р.