Франција планира заем за „Рено“ од пет милијарди евра

Француската влада планира да даде заем во висина од пет милијарди евра за помош на производителот на автомобили „Рено“ за да ги надмине последиците од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, под услов да не отпушта работници, соопшти француското министерство за економија.
Овој план е поттикнат со договорот меѓу менаџментот на „Рено“ и синдикатот за започнување разговори за зачувување на работните места.
„Рено“, кој во 2019 година имаше вкупна нето-загуба од 141 милион евра, сака да ги намали трошоците за 2,2 милијарди евра во следните три години.

Тајландската влада со помош за туризмот

Тајландската влада размислува за финансиски мерки како даночни олеснувања и исплата на готовина за да помогне во оживувањето на секторот туризам, кој силно е погоден од пандемијата на коронавирусот, објавија тамошните власти.
Директорот на кабинетот за фискална политика Лаварон Сангснит изјави дека оваа недела ќе биде осмислен пакет мерки за давање поддршка на туризмот во јули.
– Министерството за финансии смета дека најпрво треба да се позанимава со секторот туризам, кој е најтешко погоден од пандемијата на коронавирусот – порача Сангснит.
Тајландската влада постепено ги ублажува мерките воведени поради сузбивање на ширењето на епидемијата на коронавирусот. Во мај започна отворањето на трговските центри, рестораните и парковите, кои беа затворени од крајот на март.

Кина одобри петрохемиски проект вреден 20 милијарди долари

Кина го оживува петрохемискиот проект вреден 20 милијарди долари во источната провинција Шандонг, за да ја поттикне потрошувачката за инфраструктурата со која би ја поддржала економијата, која се бори со последиците од пандемијата на коронавирусот, изјавија два кинески индустриски извора.
Проектот со рафинерија што ќе произведува 400 илјади барели дневно и постројка што ќе произведува три милиони тони етилен годишно беше предложен пред многу години, но одобрението беше одложено бидејќи Кина се бореше со вишокот рафинериски капацитети.
Кинеската Национална комисија за развој и реформи во понеделникот го даде првото одобрение за тој проект, овозможувајќи ѝ на провинцијата Шандонг да започне со планирање на изградбата, велат изворите упатени во одобрението.
Инвестицијата во проектот ќе изнесува речиси 140 милијарди јуани (20 милијарди долари), тврди еден од изворите. С.Т.