За околу 30 проценти имаме намалена количина договорена за тековната реколта на тутун, што ќе значи еден сериозен проблем при бербата, односно пласманот, изјави дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Прилеп.
– Знаеме дека околу 25 милиони од прилика се договараат секоја година во просек значи оваа година ќе имаме некој вишок од просек 5-6 милиони килограми тутун. Според нивната информација ова го прават сите компании, го намалуваат договореното за 30% затоа што, законот за тутунот дозволи во Македонија да се увезува тутун. Знаете дека и во минатата година кога се пласираше тутунот имаше проблеми во пласманот, имаше нереална проценка, па имаше големи количини кои што беа влезени во Македонија, затоа со наредните активности ќе ја превенирам оваа ситуација се со цел да не се повторат проблемите кои што ги имаше пред се во изминатава година – истакна Трипуновски.
Тој денеска оствари средба со Сојузот и здруженијата на тутунари, на која станало збор за проблемите со кои се соочуваат.
– Неминовно беше да се отвори прашањето за криминалот кој што е направен во сојузот од претходното раководство и злоупотребата на сериозна сума на пари кои што беа практично поделени на роднинска основа, тутунарите останаа без средствата. Јас ги уверив дека за таа работа по промена на власта и кога практично судството ќе биде ослободено од политичките канџи на оваа власт, тој процес ќе се заврши и секоја одговорност која ќе биде нотирана ќе биде санкционирана, односно секој што се огрешил кон законите во Република Македонија ќе си одговара за постапките – вели Трипуновски.