Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, најави почнување на реализацијата на системот „Е-инспектор“. Николовски посочи дека за ефикасна имплементација на системот, за трите клучни инспекторати – Државниот пазарен инспекторат, Државниот трудов инспекторат и за Државниот управен инспекторат – веќе се обезбедени лаптопи, неопходни за дигитално спроведување на надзорите и контролите.
– Со овој систем значително се елиминираат човечкиот фактор и субјективниот пристап при инспекциските надзори и контроли. Целокупниот процес од распределба на надзорите и контролите, генерирање записници, па до крајот до издавање решенија, ќе биде електронски, со што човечкиот фактор е целосно изземен. Инспекторот не може сам по свое лично убедување да одлучува во кој објект ќе изврши надзор или контрола. Одлуката ќе ја генерира софтверот, кој врз основа на базата на податоци автоматски ќе ги определува субјектите, фирмите на високо, средно и нискоризични и автоматски ќе планира надзори кај високоризичните субјекти – рече вицепремиерот Николовски.
Директорката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, појасни дека овој софтвер за почеток ќе го користат трите инспекциски служби што имаат најголем број субјекти на надзор и од приватниот, но и од јавниот сектор, а тоа се пазарната, трудовата и управната инспекција. До крајот на годинава вонредните надзори што ќе се вршат од страна на овие три инспекциски служби ќе бидат водени преку системот „Е-инспектор“, а веќе од јануари 2022 година, кога ќе се донесат годишните планови за работа за 2022 и месечни планови за работа за јануари 2022, инспекторите ќе почнат да ги водат и редовните надзори преку овој систем.
– На овој начин во иднина, со полнење на базата на податоци со информации за субјектите на надзор добиени од претходните надзори, во смисла дали и кои законски обврски ги исполниле или не ги исполниле, системот ќе биде во можност да ги класифицира субјектите на надзор на високо, средно и нискоризични субјекти и во зависност од степенот на ризик соодветно автоматски ќе се планираат надзорите – изјави директорката Филиповска-Грашкоска.
Во 2022 година ќе се почне со доразвивање на софтверот со цел да се овозможи пристап и на уште 13 државни инспекторати, а за 2023 година се планира пристап и за сите преостанати инспекциски служби.