Замрзнувањето на цените ќе важи во трговијата на големо и во трговијата на мало. Одлуката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи што викендов ја донесе Владата, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 година, ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот
Цените на основните прехранбени производи нема да се менуваат до крајот на јануари. Лебот, шеќерот, брашното од тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и од 3,5 проценти, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, до 31 јануари да се продаваат по цени што ги имале на 1 декември годинава, но исклучени се цените на привремените попусти што важеле на тој датум. Замрзнувањето на цените ќе важи во трговијата на големо и во трговијата на мало. Одлуката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи што викендов ја донесе Владата, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 година, ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.
– Следејќи ја економската состојба предизвикана од здравствената криза на ковид-19 и енергетската криза во светот, како и потрошувачката моќ на граѓаните во Република Северна Македонија, се оцени за потребно да се ограничат цените на слободниот пазар единствено на примарните прехранбени производи, кои се доминантни производи за консумирање – објаснуваат надлежните од Владата.
Мерката е базирана на анализата и пресметките што ги направил Секторот за трговија при Министерството за економија. Според законот, за спроведувањето на оваа одлука е задолжен Државниот пазарен инспекторат. За трговците што ќе ја прекршуваат, предвидени се казни од 800 евра до 10.000 евра. Од инспекторатот апелираат граѓаните да пријавуваат кај нив доколку забележат непочитување на мерката.
– Контролата ќе ја преземе пазарната инспекција за да проверува дали трговците се држат до цените од почетокот на месецот. Тоа ќе се проверува врз основа на евиденцијата, која трговците се задолжени да ја водат за цените – посочи директорката на пазарниот инспекторат, Анета Симовска.
Со барање за замрзнување на цените на основните прехранбени производи претходно излезе Организацијата на потрошувачи на Македонија. Оттаму истакнаа дека тоа е неопходна мерка за да се намали ударот на инфлацијата врз граѓаните, имајќи предвид дека со евентуалниот пораст на цената на струјата се очекува и нов бран на поскапувања што ќе удри на потрошувачката кошница.
Неодамна и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелираше што побрзо да се донесат мерки со кои ќе се спречи зголемувањето на цените на производите, по примерот на некои соседни држави, со кои ќе се заштити животниот стандард на работниците и граѓаните.
– Дополнително сме загрижени поради можните последици што ќе произлезат од светската енергетска криза, која е сѐ поактуелна и поизвесна, како и од веќе зголемените цени на основните прехранбени производи – велат од ССМ.
Сепак, некои од упатените во оваа проблематика, не се согласни со оваа одлука, тие сметаат дека замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти од страна на Владата можеби ќе го ублажи, но никако не може да го стопира бранот на зголемена инфлација и намален стандард на граѓаните и дека причинител за инфлаторната спирала е енергетската криза, за чие надминување власта спроведува погрешни политики.
Антони Пешев од Стопанската комора на Северна Македонија неодамна истакна дека алармот за новонастанатата ситуација со цените е вклучен, но треба да се направи стратегија за да не биде предоцна.
– Сметам дека замрзнувањето на цените на прехранбените производи може да доведе до раст на сивата економија. Посегнувањето по лимитирање на цените упатува на црн пазар, шверц или проблематични позиции – вели Пешев.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат мерката е добра, но само на краток рок.
– Треба да имаме предвид дека како земја сме увозно зависни и не можеме да си дозволиме замрзнувањето да трае долго, бидејќи тоа може и да нѐ доведе до ситуација да имаме дефицит од некои производи на пазарот бидејќи ние како држава немаме капацитети да произведуваме на ниво со кое ќе ги задоволиме потребите на домашниот пазар и затоа сметаме дека замрзнувањето треба да се спроведе само на краток рок како мерка што ќе го регулира дисбалансот помеѓу понудата и побарувачката, а не преку оваа мерка да се обидуваме да ја средиме лошата ситуација во која се наоѓа нашата економија – нагласуваат од СКСЗМ.
Нашата држава не е прва земја во регионот што ги замрзна цените на основните прехранбени и стратегиски производи. Во Србија од 1 декември на 60 дена се замрзнати цените на шеќерот, брашното, сончогледовото масло, свинското месо и на млекото. Претходно тоа го направи и Црна Гора, а Хрватска пред еден месец ги замрзна цените на горивата.
Моментни просечни цени на производите во маркети
ПРОИЗВОД ДЕНАРИ
Леб од пченично брашно 55
Шеќер 40
Брашно, тип 400 40
Сончогледово масло за јадење 100
Трајно млеко 60
Свинско месо 330
Телешко месо 650
Јунешко месо 400
Сирење – овчо 370
Урда 150