Иновацијата е еден од најважните двигатели на економскиот раст во современите економии. Заштитата, пак, на иновациите, односно правата од интелектуална сосопственост е исто така услов за развој на економијата преку зголемен број странски инвестиции, беше истакнато на вчерашната конференција „Трансфер на технологија и права на интелектуална сопственост во Република Македонија“, организирана по повод 25-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.
– Иновацијата е еден од најважните двигатели на економскиот развој во една земја, особено на среднорочен и на долгорочен план. Истражувањата говорат дека бројот на директни странски инвестиции е во правопропорционален сооднос со степенот на заштита на правата од интелектуална сопственост, односно колку повеќе државата ги штити правата од индустриска сопственост, толку повеќе ќе може да смета на странски инвестиции – истакна министерот за економија Крешник Бектеши.
За да се зборува за квалитетна промоција на иновациите и за соработката со другите земји, според него, треба да има издржана правна и политичка рамка. Македонија, истакна Бектеши, има регулатива хармонизирана со меѓународните стандарди, а тоа овозможува ефикасна заштита и поголема правна сигурност за странските компании и подобрување на инвестициската клима во земјата.
Жељко Топиќ, заменик-претседател на Европскиот патентен завод, смета дека воспоставувањето национален систем култура за интелектуална сопственост е значајно за растот на националната економија, заснован врз знаење и иновативност.
– Користењето, длабокото суштинско разбирање на патентниот систем и вредноста на патентите се главен предуслов за економски развој во една современа економија. Тие се силен поттик за иновација и за комерцијализирање нови технологии – вели Топиќ.
Според него, информациите што се содржат во патентите се стимул за натамошна иновација, бидејќи, како што додаде, иновацијата носи нова иновација. Важно е тоа што иновацијата што е дел од истечените патенти станува јавно добро.
Директорот на ДЗИС, Сафет Емрули, информира дека пред Заводот се пријавени повеќе од 32 илјади трговски марки, 10 илјади патенти и над илјада пријави за индустриски дизајн.
– Регистрирани се над 26 илјади трговски марки, 9.000 патенти, а заштитени се неколку десетици географски називи од кои за пет е обезбедена и реализирана меѓународна заштита – појаснува Емрули.
Како што вели тој, со повеќе реализирани проекти и преземени активности се овозможило машинско пребарување, кое на нашите пронаоѓачи, бизнисмени и универзитети им дава можност за пристап до податоци од оваа област.
– Има неколку проекти за ширење информации за трговски марки и индустриски дизајн од Македонија што го зголемува нивниот углед во светот, но исто така, ја олеснува постапката за странските компании кои сакаат да бидат заштитени во Македонија, да добијат информации во реално време за статусот на нивните апликации – нагласи Емрули. Е.Р.