До крајот на неделата Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово треба да испрати извештај до македонската Агенцијата за храна и ветеринарство со анализа на соодветната програма за следење на производите од икра и материјал за порибување од Косово.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска на средба со косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрид Шала, во Приштина кажа дека откако ќе бидат доставени сите потребни документи од косовска страна тогаш ќе биде донесена одлука со којашто ќе се овозможи увоз на икри и материјал за порибување од Косово.
-Јас утре писмено ќе го известам министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала, дека во моментот кога тие ќе ги достават тие документи, ние ќе им дозволиме да увезуваат икра и подмладок во Северна Македонија. Очекувам откако ќе го добијат писмото тие да ги укинат бариерите за компир и за мед, истакна Бектеши.
Министерот информираше дека мерката не е преземена само за Косово, туку е мерка преземена за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, вели дека неопходно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи.
-Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Северна Македонија, нагласи тој.