Основното јавно обвинителство во Охрид активно работи на целосно расветлување на околностите на случајот со семејно насилство во Охрид, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески. Тој нагласи дека Обвинителството е свесно за значењето на брзото и ефикасно постапување во вакви случаи, особено со оглед на опасноста од овој вид криминал и претходните случувања во земјава.
Одговарајќи на новинарски прашања, Савески рече дека го следи случајот и дека добива информации директно од раководителот на ОЈО Охрид. Тој посочи дека надлежниот јавен обвинител е во контакт со оштетената и дека нејзиниот исказ е од особено значење за постапката.
– Таму интензивно се работи на разоткривање на целата состојба на работите во овој случај. Ве уверувам дека Јавното обвинителство ги презема сите неопходни истражни дејства, сè со цел да се расветли во целост овој случај – рече Савески.
Тој додаде дека во текот на денот очекува да добие информации од надлежниот јавен обвинител, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
– Известен сум од надлежен јавен обвинител дека е во контакт со жртвата, односно оштетената во овој кривичноправен настан. Тој исказ ни е многу суштествен и од него ќе произлезат многу докази со голема доказна вредност. Во текот на денот треба да дојдеме до соодветна фактичка состојба, односно состојба на работите од јавнообвинителски аспект, по што ќе имаме официјално соопштение и за правната квалификација и за соодветната јавнообвинителска одлука – изјави Савески.
Савески беше прашан зошто случајот се води како тешка телесна повреда при семејно насилство, а не како обид за убиство, со оглед на наводите изнесени во јавноста дека девојката била грабната, тепана во автомобил и исфрлена во бессознание. Новинарското прашање се однесуваше и на тоа зошто за осомничениот не бил побаран притвор, туку само мерки на претпазливост. Савески одговори дека би било шпекулација да зборува за правната квалификација пред да завршат истражните дејства.
– Доколку би одговорил на вашето прашање и да утврдам соодветна правна квалификација, тоа би било мое шпекулирање бидејќи правната квалификација произлегува од сето она што ќе се собере во истражната постапка, односно сè она што од истражните дејства ќе биде собрано како доказен материјал – изјави Савески.
Покрај постапката за главниот настан, Савески потврди дека се работи и на расветлување на дејствата на таткото на оштетената.
На прашање за таткото на осомничениот, Савески одговори дека паралелно се работи на расветлување на целиот случај и дека јавноста ќе биде известена за јавнообвинителската одлука што се очекува во текот на денот, пренесува МИА.

































