Под мотото „Овојпат таа кажува“, од 18 до 24 ноември во Скопје ќе се одржи 51. издание на фестивалот МОТ – Млад отворен театар. Годинашната програма е посветена на женското авторство и на женскиот творечки глас во современиот театар.
Програмата опфаќа домашни, регионални и европски продукции режирани од жени, кои преку различни сценски јазици и авторски пристапи отвораат прашања за слободата, идентитетот, љубовта, положбата на жената, општествените ограничувања и односот на поединецот со современиот свет.
Концептот и програмата на фестивалот на денешната прес-конференција ги претставија режисерките Нина Николиќ и Теодора Силјаноска, директорот на Младинскиот културен центар Димче Арсовски и членовите на програмскиот тим на МОТ, Филип Николовски и Кирил Мечалов.

Фестивалот ќе почне на 18 ноември со „Кратки приказни“ на Театарот „Антон Подбевшек“ од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин. Претставата ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата.
Истата вечер во клубот на МКЦ ќе биде изведена „Последниот час по клавир“, во продукција на Театар 071 | Перипетија и во режија на Нина Николиќ. Претставата носи интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.
На 19 ноември во Театар Комедија ќе биде изведена претставата „Кокошка“ на Театар Вортекс, во режија на Теодора Силјаноска. Станува збор за комедија според текстот на Николај Кољада, која преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.
Меѓу регионалните гостувања се „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, претстава што ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици, како и „Три жени“ од Србија, музичко-поетски авторски проект посветен на женското творештво и историското потиснување на женскиот глас.
На програмата е и „Закопани чуда“, во режија на Нина Виолиќ, интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста, како и „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ.
Во музичкиот дел од фестивалот, на 21 ноември во бифето на МКЦ ќе настапи Арбереше, уметница од Косово која живее и твори во Швајцарија. Нејзината музика претставува спој на традиционалниот албански и современиот звук. Концертот се реализира во рамките на европската музичка платформа „Лајвјуроп“ (Liveurope), а влезот е бесплатен.
На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“, во продукција на „Златен Елец“ и Центарот за култура – Битола, а во режија на Тамара Стојаноска. Претставата, работена според текст на Томислав Зајец, ја следи приказната за две сестри заробени во сопствените животи и во нивниот меѓусебен однос.
Во завршницата на МОТ ќе бидат прикажани танцовите перформанси „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со „Локомотива“.
На програмата се и „Мојот маж“ на грчкиот колектив „Процес“, во режија на Марија Манганари, работена според расказите на Румена Бужаровска, како и „Ана – непоправливата“ на „Арт центар Оренда“ од Бугарија, посветена на руската новинарка и борец за човекови права Ана Политковскаја.
Билетите се во продажба преку сервисот bileti.mkc.mk и на билетарницата на МКЦ, по промотивна цена од 400 денари. Целосната фестивалска програма е објавена на интернет-страницата www.mot.mk.


































