Фото: „Нова Македонија“

Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) почнува манифестацијата 3. Мисиркови денови, посветена на 100-годишнината од смртта на Крсте Мисирков, во чии рамки ќе се одржи и меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“.

Дводневната манифестација, што ќе трае до утре, ја организира Институтот за национална историја во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Институтот за македонска литература и Институтот за старословенска култура.

Програмата ќе почне со положување цвеќе на споменикот на Крсте Мисирков во паркот кај МАНУ по што ќе следува свечено отворање, на кое ќе се обратат координаторите на манифестацијата Билјана Ристовска-Јосифовска и Лилјана Гушевска, како и директорите на институциите коорганизатори, претставници на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Министерството за образование и МАНУ.

Во рамките на манифестацијата ќе се одржи меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“, на која е најавено учество на повеќе од 40 научници од земјата и од странство, меѓу кои од Унгарија, Украина, Србија, Франција и Русија.

Целта на собирот е научно преиспитување на делото на Крсте Мисирков и неговото значење за развојот на македонистиката и славистиката, како и отворање дискусија за современите предизвици и перспективи во овие научни области.

На 17 ноември, по завршувањето на работниот дел од конференцијата, ќе бидат промовирани и две книги посветени на делото на Мисирков – „Опкружението на Мисирков“ од Димитар Пандев и „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ од Ганка Цветанова.

Манифестацијата ќе биде заокружена со изложба на избрани научни публикации на институциите коорганизатори, посветени на македонскиот јазик, историјата, литературата и културното наследство.