Аеродромите во земјава бележат рекордни резултати, што е последица на субвенционирањето на нови авиолинии и инвестициите во аеродромската инфраструктура, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, пренесе МИА.
Тој посочи дека бројот на патници веќе ги надминува проекциите што биле поставени за 2030 година, додавајќи дека позитивниот тренд се очекува да продолжи и во наредниот период. Како една од главните причини за зголемениот број патници на охридскиот аеродром, Николоски ја посочи изградбата на новата терминална зграда и придружните објекти, со што, според него, практично е добиен нов аеродром со подобрена функционалност и услови за патниците.
-Она што било проектирано за 2030 година, веќе го постигнуваме во 2026 година и ќе продолжи да расте во следниот период. Секако, една од основните причини за тоа е изградбата на нова терминална зграда, на помошните простории. Практично, еден нов аеродром добивме, кој што со својата функционалност, но и со својата убавина, привлекува патници, привлекува туристи и очекувам во следниот период да се зголемува и бројот на летови. Во однос на скопскиот, исто така, рушиме рекорди. Очекувам само скопскиот аеродром да помине 3,6 милиони патници и ако имаме малку среќа, очекувам до крајот на годината да можеме да имаме една убава церемонија за четири милиони патници на двата аеродроми, што споредено со 2,4 милиони патници во 2024 година е еден огромен скок – истакна Николоски.
Вицепремиерот најави и можност за воведување нови чартер-летови со туристи на охридскиот аеродром, кои би придонеле за зголемување на бројот на патници и надвор од главната туристичка сезона.
Тој појасни дека сè уште нема конечна потврда, но дека преговорите се во напредна фаза и се очекува реализација на поголеми чартер-аранжмани, кои би овозможиле секојдневно слетување на најмалку два авиона со туристи во периодот од октомври до мај.
-Она што е мое очекување, сè уште не сме потврдени, но мислам дека сме блиску, е големи чартер-тури, кои што почнуваат да се прават во државата, кои што би значеле најмалку два авиони дневно со туристи, надвор од сезоната, во период од октомври до мај, да го потврдиме во следниот период и тоа да е додадена вредност на охридскиот аеродром – истакна Николоски.
































