Премиерот Христијан Мицкоски ги оцени како охрабрувачки најновите податоци на Државниот завод за статистика за состојбите во туристичкиот сектор, посочувајќи дека резултатите веќе ги надминуваат првично поставените цели на Владата.
Како што истакна Мицкоски, владината амбиција на почетокот на годината била земјава да достигне еден милион туристи и три милиони ноќевања. Сепак, заклучно со септември се евидентирани повеќе од 1.100.000 туристи и речиси три милиони ноќевања, што укажува дека поставените цели ќе бидат надминати.
Според податоците што ги презентираше премиерот, во третиот квартал годинава, во споредба со истиот период минатата година, се регистрирани 35.000 туристи и 110.000 ноќевања повеќе, што претставува раст од над шест проценти кај двата показатели.
-Податоците се прилично охрабрувачки. Ние веќе, заклучно со септември, сме на повеќе од 1.100.000 туристи и речиси три милиони ноќевања, што значи дека ќе одиме над тоа што сме го предвиделе како цел. Во третиот квартал, споредено со третиот квартал минатата година, имаме 35.000 туристи повеќе и 110.000 ноќевања повеќе, што е добро, тоа е повеќе од шест отсто раст и по едната и по другата основа. И повторно, ова е лоша вест за опозицијата. Тие би сакале да назадуваме, но, за нивна жал, а за добро на граѓаните, одиме напред – рече Мицкоски.
Изјавата премиерот ја даде по увидот во градежните активности на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во руралната населба Каменик“, во Општина Кисела Вода.
































