Фото: Пиксабеј

Федералната администрација за воздухопловство на САД (ФАА) нареди привремен прекин на сите домашни летови поради „итни и безбедносни проблеми“, откако претходно беа пријавени сериозни нарушувања во комуникацискиот систем за контрола на воздушниот сообраќај, пренесуваат американските медиуми.

Одлуката значи дека авионите кои веќе се наоѓаат во воздух можат безбедно да слетуваат, но леталата што се на земја не смеат да полетаат. Меѓународните летови ќе се разгледуваат одделно, од случај до случај.

ФАА дополнително ја појасни причината за прекинот на воздушниот сообраќај, наведувајќи дека станува збор за привремен прекин на телекомуникациските врски, објави „Скај њуз“. Од агенцијата посочиле дека постапиле со „крајна претпазливост“ и дека бил опфатен секој поединечен лет.

Непосредно пред објавувањето на одлуката, ФАА го прекина воздушниот сообраќај во областа на Чикаго поради проблеми во комуникацијата со контролните центри. Тогаш агенцијата соопшти дека сите полетувања се стопираат до понатамошно известување.

Во меѓувреме, американскиот секретар за внатрешна безбедност, Марквејн Малин, изјави пред новинарите во Белата куќа дека нема индикации оти станува збор за напад врз САД.

-Станува збор за прекин на телекомуникациските услуги. Сите летови се надгледувани. Нема причина да се грижите за вашите најблиски – изјави Малин.

Тој додаде дека сите се безбедни и нагласи дека инцидентот не е поврзан со терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Денешниот инцидент е вторпат по нападите од 11 септември 2001 година да биде нареден национален прекин на сите домашни летови во САД.

Претходниот сличен случај се случи во јануари 2023 година, кога ФАА ги запре сите домашни летови во период пократок од два часа поради проблеми со системот за известување на пилотите.

Минатата година американскиот Конгрес одобри 12,5 милијарди долари за модернизација на застарениот комуникациски систем на ФАА. Во меѓувреме, агенцијата и Белата куќа побараа од Конгресот дополнителни 30,1 милијарда долари за решавање на други проблеми во системот.