фото: Маја Јаневска Илиева

Бројот на заболени од дијабетес се зголемува, а раната дијагноза на дијабетесот, редовното мерење на шеќерот во крвта, редовното земање терапија и современиот третман, како и здравиот начин на исхрана и физичката активност, се клучни за спречување на компликациите од болеста.

– Во државата има 135.000 лица со дијабетес, од кои 4.000 се со тип 1 и речиси 40.000 се смета дека имаат дијабетес, а немаат поставена дијагноза. Дијабетесот е хронична болест, која зазема пандемиски размери. Меѓународната федерација за дијабетес излезе со бројки дека 693 милиони луѓе во светот го имаат ова заболување. ​Вџашувачки е што речиси 43 отсто од лицата со дијабетес не знаат дека ја имаат оваа хронична болест. Според податоците, приближно 50 отсто од компликациите кај дијабетес тип 2 веќе се присутни при поставување на дијагнозата. Значи, се задоцнува со поставувањето на дијагноза – рече денеска на прес-конференција директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, проф. д-р Ирфан Ахмети, по повод одбележувањето на 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот, со мотото „Рана акција за дијабетес“.

Тој апелира да се направат редовни скрининзи, односно вклучување на сите системи во раната дијагноза, со цел спречување на компликациите како на големите така и на малите крвни садови. ​Дијабетот тип 2, посочи тој, на почетокот, доколку нема високи вредности на шеќер во крвта, нема симптоми и го нарекуваме таен убиец затоа што симптомите и знаците не секогаш се присутни.

– Обезноста е еден од главните ризик-фактори за појава на дијабетес и треба навреме да се третира за да се спречи преддијабетесот, односно дијабетесот како хроничнa компликација. За важноста на скринингот и навременото откривање на дијабетесот покажува и вчерашниот скрининг кај нашата популацијата, инициран од Македонската медицинска асоцијација на студентите, во кој учествуваа 135 лица. Забележано е дека кај 16 отсто од лицата, на кои им било извршено мерење гликемија во крвта, е поставена дијагноза дијабетес, а тие не знаеле дека го имаат – додаде проф. д-р Ахмети и упати апел до граѓаните да не чекаат да се појават симптомите на дијабетесот, да прават скрининг на гликемијата кај матичниот лекар и да се едуцираат за ризик-факторите. ​

Претседателката на Здружението на ендокринологите и дијабетолозите на Македонија, проф. д-р Миленковиќ, рече дека превенцијата и подигањето на општата здравствена свест се најважни за рано откривање, ран третман и давање на потребната помош на пациентите со дијабетес.

– Многу се важни и соодветната терапија и контролата, односно самоконтрола на сите луѓе со дијабетес. Пристапноста до технологиите, кои драматично го промениле животот, особено на пациентите со тип 1 дијабетес, па и на тип 2 дијабетес, и пристапноста кон терапиите, кои не само што го лекуваат дијабетот туку ги спречуваат и компликациите, не треба да биде привилегија само на одреден број пациенти, туку на сите оние на кои им се потребни. ​Раната превенција, свесноста за дијабетесот, компликациите и за сè она што тој претставува во нашиот општествен и здравствен систем е начин на кој можеме да им помогнеме на сите луѓе со дијабетес да го намалат сопствениот товар од заболувањето, товарот на нивните општества, меѓутоа на тој начин ќе го намалиме и товарот на нашиот здравствен медицински систем и на целото општество – истакна проф. д-р Миленковиќ и додаде дека потребна е акција сега бидејќи бројот на дијабетичари постојано се зголемува.

На прес-конференцијата присуствуваше и министерот за здравство Сашо Клековски, кој истакна дека во однос на превенцијата ќе мора да постигнеме општествена согласност за работите што се поврзани со нездрав начин на живеење, кои влијаат на дијабетесот, а тоа се исхраната и физичката активност.

– Светската здравствена организација вели дека без 30 минути физичка активност дневно, без елиминација на пушењето, алкохолоти без соодветна исхрана не можеме да очекуваме здравје, не можеме да очекуваме одржливост на здравствените системи. ​Неколкупати претходно во однос на здравјето ги пласирам идеите за забрана на, условно да кажам, продажба на брза храна во училишните згради и во просториите на училиштата, активности за воведување здрава и свежа храна во училиштата, поттикнување активности, како слоу фуд училишни градини, за младите, децата, учениците од рана возраст да се навикнуваат на таков тип на исхрана и, конечно, да се приклучиме на 110 земји, кои имаат воведено данок на додаден шеќер во пијалаците. Во Македонија пијалакот „фанта“ има трипати повеќе шеќер отколку истиот пијалак во Словенија – рече Клековски.

Данокот, посочи, треба да ги поттикне производителите или да го платат или да ја променат формулата и да го намалат процентот на шеќер во пијалаците.

– За ова треба општествен консензус. Јас сум начелно противник на казни, забрани, бидејќи во основа ефектите без јакнење на јавната свест се многу минорни. Оваа тема треба да ја зборуваме сè почесто. Втората тема е раното откривање. Треба да се размислува како систематските прегледи ќе се ставаат во функција на раното откривање. Имаме стотици илјади систематски прегледи годишно на популација која е работоспособна, која би влегувала во некои од демографиите со ризик. Мислам дека тоа треба да го уредиме со Министерството за економија и со измените во Законот за медицинската евиденција. ​Значи, не е доволно само да има систематски прегледи, мора резултатите од тие прегледи да се вклучат во единствената здравствена евиденција – рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека не може сите да ги третираат со „оземпик“ и дека некој ќе треба да направи 8.000 чекори дневно и да ја промени исхраната.

– Мора да зборуваме и за личната одговорност. Не може, од една страна, да очекуваме да живееме нездраво, од друга, да бараме одговорност од државата да ги неутрализира тие нездрави начини на живеење. Значи, мораме да говориме за ова колку и да е непопуларно. Не може државата да преземе обврска за демографија што старее нездраво, а истовремено нема кој да придонесува на приходната страна. Секој треба да биде свесен за ризикот – додаде Клековски.

Според проф. д-р Миленковиќ, за пациенти со дијабетес тип 1 од круцијална важност е да имаат квалитетен континуиран мониторинг на гликемијата бидејќи од тоа зависат дневната гликорегулација и исходот на болеста.

На прес-конфернецијата беше посочено дека сензори за континуирано мерење гликоза има за сите пациенти со дијабетес на возраст до 25 години, чиј број изнесува 800. Од нив, 350 се деца, а другите се на возраст од 18 до 25 години.