Дарко Костадиновски / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наша должност е да одолееме на политичките притисоци и да ја држиме политиката во рамките на правото, порача денеска во Охрид претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој оцени дека Уставниот суд е единствената институција што треба да обезбеди политиката и државните органи да ги почитуваат уставните и законските рамки.

Одговарајќи на новинарски прашања за предизвиците со кои се соочуваат уставните судии, Костадиновски рече дека неговото присуство во медиумите не е заради популаризација, туку заради справување со, како што рече, манипулациите и невистините за работата на Судот.

– Јас и некои мои колеги сме присутни во медиумите, не да станеме популарни или да ги популаризираме нашите одлуки, туку да одолеваме и да се бориме со манипулациите и со лагите што се шират за работата и за постапките. Вие видовте пред нашиот Уставен суд имаше протести, имаше шатори, беше поведена постапка за  моја интерпелација во Собранието, која јас ја квалификував како најдобар комплимент за мојата работа. Зошто? Затоа што два критерума постојат, според мене, дали Уставниот суд и тој што е на чело на Уставниот суд ја работат својата работа прави. Прво е граѓаните на улица кои ми пристапуваат и се задоволни од мојата работа и втора е нервозата кај политиката и кај носителите на државните органи. Штом тие се нервозни, тоа значи дека Уставниот суд добро си ја врши својата работа. Од едноставна причина што наша суштествена работа е да ја држиме политиката во правни рамки, да не ги излегува од рамките и неслучајно на видеото реков, никој нема повеќе право од тие што му ги дава уставот. Единствен што ќе ги држи политиката и државните органи во рамките на правото е Уставниот суд – изјави Костадиновски.

Прашан дали политичките притисоци ја прават онаа недоверба на граѓаните кон судската власт, Костадиновски одговори дека било која од властите ако се соочува со историски најниска доверба, таа е резултат на целиот систем.

– Значи, не може да речеме судската власт има 2 отсто доверба, а другите власти имаат огромна доверба, немаат, затоа што тој е резултат на системот. Значи, имам и кажано дека организацијата на државната власт е како оркестар. Од тој оркестар доколку не е добро наштиман, доколку не комуницира,не изразува почитување, тој ќе личи на ненаштиман оркестар. Ако секој си ја свири својата песната, на што ќе личи тоа – вели Костадиновски.

Костадиновски се осврна и на некомплетниот состав на Уставниот суд, нагласувајќи дека институцијата треба да функционира со девет судии, како што е предвидено со Уставот.

-На многу места гледаме како политиката, односно како извршната или законодавната власт може да влијае на работата на Уставниот суд, или со назначување на подобни, условно кажано, подобни судии или со непополнување на составот на Уставниот суд. Не е сè едно, значи смислата на уставот е да постои Уставен суд и тој суд да биде составен од девет, еве јас сум бил дел од Уставниот суд што работел со пет судии, и тоа скоро две години. Дали е тоа нормално? Значи тоа е нарушување на смислата и на духот на уставот. Уставниот суд постои како орган со јасни надлежности и треба да е составен од девет судии, а не од пет. Значи тоа е еден од начините на влијание на политиката – рече Костадиновски.

Тој додаде дека Венецијанската комисија во изминатиов период веќе донесе многу важни правни ставови и тоа дека во многу земји мандатот на уставните судии е ограничен на девет, на 12 години, за да не се создава јаз во работата, празнина во работата на уставните судови, тие дозволуваат мандатите на уставните судији да бидат проширени до изборот на нов.

– Значи тоа се значајни новини и тие се реакција на овие начини на влијание на политиката врз уставниот систем. Не е сè едно дали судот ќе одлучува со девет судии или со пет или со шест – рече оретседателот на Уставниот суд.

Костадиновски рече дека се надева оти во најскоро време ќе биде комплетиран составот на Судот.

– Го имам кажано ставот-тоа не е став, тоа е заклучок на судот. Нашиот суд има заклучено дека, условно кажано, таканаречените „сензитивни“ предмети, односно предмети што уживаат многу широка  јавен интерес, како што е Законот за употреба на јазиците, Хашките случаи и други предмети, ќе се одлучуваат само и само кога ќе биде целосен составот на Уставниот суд. Се до тој момент не е во ред, бидејќи тоа се многу значајни предмети што можат да создадат тензии- како што гледате и создаваат тензии во општеството. Од таа причина, одлуката – заклучокот на Судот е тој. Тогаш кога ќе се комплетира Судот, знаете дека јас тоа што сум го кажал, стојам на зборот, тогаш се постапува. Не правам компромиси со никој – вели Костадиновски.

Во врска со новиот Кривичен законик, Костадиновски рече дека сè уште немал увид во неговата содржина, но изрази надеж дека ќе бидат исправени пропустите од претходните измени, кои, според него, биле тежок удар за правната држава.

– Тежок удар на правната држава. Се надевам дека тие грешки што беа направени пред неколку години ќе бидат исправени во тој, бидејќи да бидеме реални, во нашата држава како да владее неказнивост и неодговорност и така се нарушува довербата и на целиот систем. Значи не смее да има недопирливи. Законите и Уставот важат за секого. Уставот има еден принцип. Секој е еднаков пред Уставот и законите, а не некој да е еднаков, некој да е помалку еднаков. Се надевам дека тие, зборам сега за злоупотребите на службената положба и овластување во при јавните набавки – вели Костадиновски.

Што се однесува за Алта банка, претседателот на Уставниот суд Костадиновски се воздржува од коментар,  но вели дека генерално во нашата држава имаме суфицит на неказнавност, а дефицит на одговорност.

– Не само за тој пример, за било кој пример, граѓаните можат да бидат јасна одговорност и не зборувам јас за политичка одговорност, зборувам за правна одговорност. Така да не  можам да коментирам воопшто за тој случај затоа што немам информации. Јас сум сепак судија, јас како што гледам, судам врз основа на факти, докази и аргументи, меѓутоа генерално мораме да ја поправиме таа состојба во општеството. Сите, без разлика на политичките функции, статусот, сите треба да бидат еднакви пред уставот и законите – вели Костадиновски.

На темата за новиот Кривичен законик се осврна и уставниот судија Осман Кадриу, кој изрази скептицизам дека ќе има значајни промени, оценувајќи дека повторно се оди кон неказнивост.

Кадриу се осврна и на полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што рече дека не гледа пречка испитот во целост да се полага на албански јазик. Според него, моделот со полагање на дел од испитот на македонски, а дел на албански јазик, во пракса не може да се реализира.