Фото: „Нова Македонија“

АБУ ДАБИ – Трета рунда од обновениот трилатерален дипломатски процес и прв опиплив резултат – размена на заробеници

  • Дводневните преговори меѓу Украина, Русија и САД донесоа начелна согласност за голема хуманитарна размена, но не и решение за територијалниот спор. Вашингтон најавува продолжување на дипломатијата, додека Москва и Киев остануваат на спротивставени позиции за условите за завршување на војната

Дводневната дипломатска средба во Абу Даби заврши со првиот конкретен договор меѓу Русија и Украина по деветмесечен прекин на директните мировни разговори, но без приближување кон политички компромис што би можел да ја запре војната. Најзначајниот резултат е начелната согласност за голема размена на воени заробеници, која американските посредници ја опишаа како една од најголемите хуманитарни операции од почетокот на конфликтот. Средбата на 10 и 11 ноември, под американско посредништво и со Обединетите Арапски Емирати како домаќин, беше трета рунда од обновениот трилатерален дипломатски процес. На масата беа претставници на трите држави, а американскиот тим го предводеа специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Украинската делегација ја предводеше Рустем Умеров, а во неа беа и шефот на претседателскиот кабинет, Кирило Буданов, Давид Арахамија и други високи претставници. Рускиот тим беше предводен од Владимир Медински, советник на претседателот Владимир Путин.
Првиот ден разговорите траеја околу четири часа, а вториот нешто помалку од два часа. За разлика од вообичаените дипломатски средби, по завршувањето не следуваше заедничко соопштение со политички обврски. Сепак, потврдено беше дека разговорите ќе продолжат преку нови контакти.

Размената на заробеници – првиот конкретен резултат

Најконкретниот исход е договорот за начелна размена на воени заробеници. Американскиот претставник Џаред Кушнер соопшти дека страните се согласиле да финализираат бројки за голема хуманитарна размена. Рускиот претставник Медински и шефот на украинската делегација, Умеров, ја потврдија согласноста, но нагласија дека станува збор за договор во принцип. Според информациите од руската страна, размената би можела да се реализира во следните две-три недели. Се споменува можноста таа да го надмине претходниот голем договор од 2025 година, кога беа разменети по 1.000 заробеници од двете страни. Во услови на целосно отсуство на политичка доверба, договорот за враќање на заробениците претставува тест дали двете воени страни можат да исполнат конкретна обврска и да воспостават механизам за комуникација што ќе функционира и надвор од дипломатските сали.

Донбас се покажува како најголем предизвик на мировниот договор

Најголемиот предизвик за постигнување траен мировен договор се територијалните прашања, пред сè иднината на Донбас. Москва смета дека целиот регион, според околности и пред воената операција на Русија, природно гравитира, а и ѝ припаѓа на Русија, според плебисцитарното тамошно изјаснување. Меѓутоа во моментот постојат и делови од територии што руските сили не ги контролираат. Киев категорично ја отфрла можноста за отстапување сегашна украинска територија во замена за прекин на огнот, а потоа и за траен мир.
Џаред Кушнер по завршувањето на разговорите призна дека меѓу двете страни во моментов нема доверба и дека територијалните прашања ќе бидат најтешки за решавање. Сепак, оцени дека во одредени области постојат можности за компромис и дека средбата претставува добар прв чекор.

Безбедносните гаранции, втората крупна тема во Абу Даби

Втората голема тема беа безбедносните гаранции. За Киев, тие се суштински предуслов за каков било договор. Украина во Абу даби настапи со ставот дека „не сака примирје што само ќе ѝ овозможи на Русија да се прегрупира и повторно да нападне“. Разговорите затоа се проширија и на повоената безбедносна архитектура, односно на гаранциите од сите засегнати страни дека ниедна од нив не би иницирала нова воена провокација, при што се разговараше за можни „механизми што би требало да го спречат повторувањето на воениот конфликт“.
Американските претставници оценија дека има напредок во дискусиите за едни интегрални повеќестрани безбедносни гаранции, но конкретните услови, нивните гарантори и начинот на спроведување не беа јавно објавени. Москва, од своја страна, инсистира и на сопствени безбедносни барања, вклучувајќи поширока дискусија за европскиот безбедносен поредок.

Европа сака место на масата, Москва ја ограничува нејзината улога

Во Абу Даби, според многу светски медиумски извори, особено чувствително прашање било присуството на Европа. Европски претставници, вклучително и претставници на ЕУ и НАТО, беа во Абу Даби и одржаа одделни консултации со украинската делегација. Но Русија одби да учествува во директни разговори со нив. Тоа е важна политичка разлика. Европа е меѓу главните финансиски и воени поддржувачи на Украина, но Москва не сака нејзино непосредно учество во преговарачката маса, бидејќи, според низа политички аналитичари, „во неколку наврати Брисел (ЕУ и НАТО) не остана доследен на своите ветувања кон Москва, но и на меѓународните договори во врска со Украина, при што прекршувањето беше еднострано, од Западот“. Од друга страна, во Абу даби, украинскиот преговарач Давид Арахамија порача дека „идните разговори мора да бидат мултилатерални и дека европските партнери треба да бидат вклучени“. Медински, пак, повторно ја доведе во прашање нивната улога.

Војната продолжува и додека мировно се преговара?!

Суровата реалност зад дипломатските мировни разговори, според повеќе воени известувачи од украинскиот фронт, е дека разговорите во Абу Даби не произведоа прекин на огнот. Абу Даби отвори врата, но засега не го донесе мирот.
– Резултатот од Абу Даби треба да се мери во две различни рамништа. На хуманитарно ниво постои реална можност за голема размена на заробеници. На политичко ниво, меѓутоа, нема договор за територијата, примирјето или за конечните безбедносни услови. Ако нешто навистина се промени во Абу Даби, тоа е фактот дека Вашингтон успеа повторно да ги доведе руските и украинските претставници на иста маса и да воспостави продолжение на разговорите. Но тоа е почеток на процесот, а не доказ дека неговиот крај е блиску – кусо анализира наш соговорник, дипломат од кариера, додавајќи сепак дека мирот сè уште не е на дофат и дека Абу Даби, сепак, покажа дека дипломатскиот канал не е затворен. Р.С.


Од украинското бојно поле, судирот се трансформира во битка – но на зелена маса

По трилатерален Абу Даби следува билатерала во Москва, а потоа во Даблин

Следната фаза од мировниот процес започна во Москва, а потоа и во Даблин, но вистинскиот тест ќе биде дали Вашингтон може да ги приближи спротивставените позиции за Донбас, безбедносните гаранции и за идната улога на НАТО и Европската Унија. Украина бара Европа да биде дел од преговорите, а Русија сака пошироко преиспитување на европската безбедносна архитектура.

Вашингтон ја презема следната дипломатска иницијатива

Завршувањето на разговорите во Абу Даби не го затвора дипломатскиот процес за Украина. Напротив, следните неколку дена би можеле да бидат поважни од самата средба во Обединетите Арапски Емирати, бидејќи американските посредници сега треба да ги пренесат резултатите и да ги проверат вистинските намери на двајцата претседатели – Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Следниот дипломатски чекор веќе е најавен. Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер требаше вчера, на 12 ноември, да отпатуваат во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. По разговорите во Кремљ, потоа тие треба да заминат во Даблин, каде што е планирана средба со украинскиот претседател Зеленски, во рамките на неговите контакти со европските лидери. Овој распоред е политички значаен. Вашингтон практично се обидува да ги тестира можностите за компромис од двете страни одделно, пред да се договори следната рунда директни преговори. Американската администрација сака да утврди дали постои простор за договор што би можел да се претвори во конкретна рамка за прекин на војната.

Донбас – прашањето на кое може да падне целиот мировен процес

Првиот голем тест за американската дипломатија ќе биде Донбас. Москва не покажува подготвеност да се откаже од барањето Украина да го напушти целиот регион. За Кремљ, територијалното прашање не е само воено туку и политичко прашање на признавање на реалноста, создадена со референдумите организирани во 2022 година во Донецк и Луганск. Русија, истовремено, бара Украина да се повлече и од деловите на Донецката и Луганската Област што сè уште не се под руска контрола.
За Киев, пак, „прифаќањето на такво барање сѐ уште не доаѓа предвид“, при што претседателот на Украина, Зеленски, повеќепати нагласува дека „Украина нема да прифати територијални отстапки“. Токму тука се судираат двете основни концепции за завршување на војната.

Сеопфатни безбедносни гаранции – услов за траен мир, а не привремено примирје

Вториот тест се таканаречените безбедносни гаранции. Исклучително е интересно што мноштво медиуми и аналитичари го толкуваат механизмот на „безбедносни гаранции“ еднострано, односно само како гаранции за Украина дека „би добила гаранции за да не биде нападната“. Меѓутоа, руски дипломатски извори велат дека механизмот на „безбедносни гаранции“ е двостран и дека наедно треба да важи и за Киев, кој би требало исто така да депонира „гаранции за прекин на воените удари на фронтот и во заднината на фронтот“.
– Безбедносните гаранции како услов се двострани. Дури и ако се постигне договор за линијата на раздвојување или за прекин на огнот, останува прашањето кој ќе гарантира дека од обете страни нема да има нови иницијативи за воени пресметки на фронтот или во неговата заднина. Тоа подразбира јасни обврски на засегнатите страни, механизми за надзор и можност за брза реакција доколку примирјето биде прекршено. Американскиот тим соопшти дека има значителен напредок во разговорите за безбедносната рамка. Сепак, не се објавени детали за тоа дали се разговара за конкретни воени обврски, меѓународен механизам за надзор или за долгорочна поддршка на украинската одбрана – вели наш соговорник, дипломат што педантно ги следи настаните од оваа област.

Европа не учествуваше активно

– Во Абу Даби се случи нешто што може да биде важно за иднината на преговорите. Имено, европските претставници не учествуваа во трилатералната средба, но одржаа само посебни консултации со украинската делегација. За Киев, тоа е стратегиска потреба. Европските држави имаа клучна улога во досегашниот судир со поддршка на Киев, а ќе имаат клучна улога во финансирањето на обновата и евентуалните безбедносни гаранции. Ставот на Киев е дека „не може да се очекува Европа да ги преземе последиците од мировниот договор, а да биде исклучена од неговото создавање“. Москва не сака да чуе за Брисел поради тоа што врвот на ЕУ не го смета за политички веродостоен. Но ново е од Абу даби што Вашингтон сега покажува поголема подготвеност Европа да добие формално место во идниот преговарачки формат – вели нашиот соговорник дипломат.
Според некои политички аналитичари, „постои руска стратегија зад барањето за поширока европска безбедносна дискусија“.
– Москва сака разговорите да не се ограничат само на Украина, туку да бидат интегрални. Имено, тие да ги опфатат и односите меѓу Русија и НАТО, присуството на Алијансата во Источна Европа и можните договори за ненапаѓање. Руски претставници веќе ја отворија можноста за билатерални договори за ненапаѓање со поединечни членки на НАТО. Тоа е многу поширока тема од украинското примирје и потенцијално може да стане дополнителен извор на судир меѓу Москва и европските престолнини. Иако невклучени во Абу Даби, европските претставници во јавноста зазедоа став во врска со ова прашање, односно тие сметаат дека „руската иницијатива за пошироки безбедносни разговори треба да следува по прекинот на огнот“ – истакнува нашиот соговорник.
Најголемата непознаница останува дали Доналд Трамп ќе успее да изгради заедничка американска рамка што би била прифатлива и за Москва и за Киев. Абу Даби покажа дека постои простор за разговори, но и дека нивниот успех ќе зависи од прашања што досега не добиле одговор. Споменатите средби во Москва и во Даблин ќе бидат првата вистинска проверка дали позитивниот тон од Емиратите може да се претвори во политички договор. Р.С.