Независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ, ќе биде изведена во културниот и едукативен центар „Лабораториум“ денеска во 20 часот.
Претставата првично е поставена и редовно се игра во КИЦ – Офицерски дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во главниот град. Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг, кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност“.
Ова е втор текст на Стриндберг на сцената на „Лабораториум“ оваа година, по премиерата на „Татко“ во режија на Нина Николиќ минатиот месец, која е и на редовниот репертоар на центарот. Гостувањето најавува и други претстави од надвор од Скопје, како и премиери планирани во програмата на „Лабораториум“ во наредниот период.
































