Нов филм на Лидија Мојсовска

  • „Сѐ што остана беше приказна“ е снимен на Јабланица, во Слоештица и во Струга

На 1.700 метри надморска височина, на Јабланица, заврши снимањето на краткометражниот игран филм „Сѐ што остана беше приказна“, инспириран од контроверзни вистински настани, во режија на Лидија Мојсовска.
– Има приказни што не ги избираме. Тие нè избираат нас. Оваа вистинска приказна од мојот Струшки Регион, за кој живеам и се борам со години, беше инспирирана и создадена од сведоштва за вистински судбини покрај границата со Албанија, кои сум ги сведочела одблиску, во мојата блиска околина.
Знаев дека овој филм мораше да се создаде онаму каде што се случуваат вистинските настани. Снимавме на Лабунишките бачила, на 1.700 метри надморска височина, на променливо време со многу ветрови, но и во Јабланица на семејниот имот на Нелко Будиноски, еден од последните овчари во овој регион. Затоа работевме во комбинација со професионални актери и со натуршчици, луѓе чии раце, лица и чекори ја носат вистината – вели режисерката и сценаристка Лидија.
Лидија Мојсовска – режисерка, една од основачите и креативна продуцентка на филмскиот фестивал „Дрим шорт“ во Струга – овој пат сними нов краткометражен филм со ударна тема инспирирана од вистински настани во Струга и регионот. Таа на филмската сцена е позната по двата многу успешни кратки филма: „Награда“ (прикажан на над 50 светски фестивали со дваесетина освоени награди и признанија) и „Само ѓаволот се плаши од вода“, кој исто така имаше успешен фестивалски пат. Мојсовска се јавува и како косценаристка на актуелниот долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума.
– Изборот на натуршчици не беше само уметничка одлука. Сакав луѓето од мојот крај да добијат можност да доживеат нешто поинакво од нивното секојдневие. Да бидат дел од нешто што ќе го паметат цел живот. Така ги избиравме и сите други ликови и статисти, од средината во која снимавме, од селата, од дворовите, од луѓето што ги среќававме на пат – додава Лидија.
– Главниот лик го баравме со месеци, низ селата во Струшко, Демирхисарско и во Охридско. Го најде нашата кастинг-директорка Киријана Николовска, сосема случајно, на пат во Вевчани. Небојша не знаеше што значи снимање филм. Не сакаше ни да слушне, велеше: „Кај ме најдовте мене од сите“. Одбиваше. Денес вели дека снимањето му го смени животот. Пред да почне снимањето, во подготвителниот период овчарот Нелко го учеше Небојша на сè: како се држи стапот, како се молзе, како се смирува стадо со глас. Ден по ден, сè додека Небојша не престана да глуми овчар и не почна да биде овчар. Во Демир Хисар, ни ги отворија вратите на своите села и ни помогнаа да ги најдеме луѓето и местата што ги баравме – ни споделува Лидија.
Од 27 до 30 септември, филмската екипа патуваше низ неколку локации, од селото Јабланица и Лабунишките бачила, преку Струга, до селото Слоештица.
– Работевме со околу 300 овци, со мала екипа, во услови што беа мошне екстремни. Не можевме да им наредиме на животните, ниту на ветерот, ниту на светлината. Можевме само да слушаме. Затоа, заедно со директорот на фотографија, феноменалниот Жан Дакар, познат на јавноста по документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој е мастер за креирање поетска визуализација во екстремни услови, свесно избравме лесна и флексибилна камера и опрема, бидејќи секој друг начин ќе беше невозможен. Моравме да реагираме во секунда, да го фатиме она што природата ни го подава и да се препуштиме на она што меѓу нас го викаме филмски духови, кои некако секогаш знаеја подобро од нас каде да нè однесат. Ние се приспособувавме на луѓето и животните, а тие полека се навикнуваа на нас – раскажува Лидија.
Полека селото стана филмска екипа.
– Не беше лесно да им објасниме на луѓето што е филм и зошто некој би сакал да ги снима нивните овци, нивните дворови, нивниот ден. Но штом почнавме, нешто се отвори. Семејствата ни ги дадоа своите домови, своето време и својата доверба, несебично и со голема срдечност. Во Слоештица, село од кое речиси сите заминале, можеби најголемиот дел од оние што сè уште живеат таму беа дел од снимањето, како статисти или како помош во логистиката. Целото село знаеше дека се снима филм. И на некој начин, целото село го направи. За едно раселено место, тоа беше мал повод повторно да се собере – дополнува режисерката Мојсовска.

Филмот е по сценарио на Лидија Мојсовска и Јаков Попоски, а продуцентка на филмот е Ивана Шекуткоска, позната на филмската сцена по „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески, „Руини“ на Елена Чемерска. Копродуценти се Тамара Котевска, на филмската сцена позната по „Приказната за Силјан“ и „Медена Земја“, и Дејан Димески, македонски кинематографер со богато филмско искуство, меѓу чии кредити се „Исцелител“, „Балканот не е мртов“ и „Ослободување на Скопје“. Филмот е во продукција на „Минимал колектив“, во копродукција со „Сикониа филм“ и „Контраст филм“, а го реализираше екипа составена од директорот на фотографија Жан Дакар, костимографката Жаклина Крстевска, сценографот Симо Бранов, шминкерката Жанета Димитриевска, кастинг-директорката Киријана Алушевска Николоска, снимателот на звук Марко Рикаловски. Монтажерка е Сандра Ѓоргиева. Извршен продуцент е Петар Шимлеша.
Филмот „Сѐ што остана беше приказна“ е поддржан е од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од фондот „Хартефакт“. Филмот е дел од проектот „Преку тишината“, во продукција на „Минимал колектив“ во соработка со партнерската организација „Локална агенција за развој“ – Струга (ЛДА).