По повод 85 години од создавањето на партизанската химна ,,А бре, Македонче“

  • Според историчарот Рубинчо Белчески, песната „А бре, Македонче“ во литературата и музичкото творештво се сретнува како народна
    патриотска песна, иако е создадена по 11 oктомври 1941 година, односно по започнувањето на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, од страна на тројца борци на првиот прилепски партизански одред

Борбената песна „А бре, Македонче“, која имала улога да бодри и да ги подигнува борбениот морал и херојството, била создадена во периодот од 23 октомври до 8 ноември 1941 година, во Прилепско. Деновиве беа одбележани 85 години од нејзиното создавање. Според историчарот Рубинчо Белчески, песната „А бре, Македонче“ во литературата и музичкото творештво се сретнува како народна патриотска песна, иако е создадена по 11 oктомври 1941 година, односно по започнувањето на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, од страна на тројца борци на првиот прилепски партизански одред.
– Хроничарите на НОБ, борците Коце Солунски и Љубен Георгиески-Љупта, во своите искажувања за формирањето на првиот прилепски партизански одред и неговото дејствување, кратко, без некои попрецизни информации зборуваат за создавањето на песната. Формирањето на првиот прилепски партизански одред ,,Гоце Делчев“ се случило на 23 октомври 1941 година во месноста Дуова Вода во близината на манастирот „Св. Димитрија“, во селото Степанци. Тројца борци од одредот добиле ,,партизанска“ задача да создадат песна што ќе биде химна на одредот и со која ќе им се подигнува борбениот морал на борците, а наедно ќе го поттикнува населението за вклучување во партизанското движење. Таа задача им била доверена на: Крсте Црвенкоски (1921-2001), политички комесар на одредот, Коле Чашуле (1921–2009) и Ордан Михајлоски-Оцка (1921-1942). Секој од тројцата борци имал свои афинитети, како кон пишаниот збор и литературата така и кон музичкото творештво. Крсте Црвенкоски, како политички поизграден, а наедно и политички комесар на одредот, имал удел во тоа со песната да се испрати порака до борците и до народот за помасовно учество во борбата. Коле Чашуле, со своето неповторливо надарено писателско перо, имал голем придонес во создавањето на песната. Ордан Михајлоски-Оцка, како талентиран и образован музичар што свирел на виолина и бил голем љубител на литературата, учествувал и во создавањето на стиховите, но особено бил задолжен за музиката на песната. Тројцата автори се родени во 1921 година, односно тие се припадници на најмногубројната и највлијателна генерација на прилепските гимназијалци и студент што учествувале во оруженото востание на македонскиот народ и НОВ. Песната ја има својата промоција во селото Царевиќ, Прилепско, кога е одржан првиот митинг во поробена Македонија. Оттогаш песната станала препознатлива не само во Прилепско туку и низ цела Македонија. Таа станала химна, како на првиот прилепски партизански одред ,,Гоце Делчев“ така и на другите партизански одреди, односно на целото партизанското антифашистичко движење во Македонија – објаснува историчарот.

Песната присутна во збирки, филмови и во музика

Во изминатите 85 години, стиховите во песната претрпуваат измени, но таа суштински не изгубила од своето значење и цел. Песната е дел од постојаната поставка во меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ во Прилеп, но во исто време е застапена во сите пори на општественото живеење, од нејзиното создавање до денес.
– Во 1943 година, нашиот познат револуционер и борец Коста Солев Рацин, во своето последно дело, редактирал збирка поезија на собрани песни со наслов „Македонски народно-ослободителни песни“, меѓу дваесетина ја ставил и песната „А бре, Македонче“. Во 1947 година, академик Блаже Конески ја составил, ја редактирал и ја издал збирката песни „Од борбата – народни песни“, каде што е застапена и таа песна. Во 1950 година, Блаже Конески прави „Анализа на мотивите во песната ’А бре, Македонче’“, со што ни овозможува длабок увид во неговите идеи, историскиот контекст и културните влијанија. Песната „А бре, Македонче“ во форма на музика за филм се пее во првиот македонски игран филм, „Фросина“ во 1952 година, по сценарио на Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Музиката во филмот му е доверена на композиторот Трајко Прокопиев, кој наедно е и диригент на Оркестарот на државната Македонска филхармонија. Македонскиот етномузиколог и педагог Васил Хаџиманов (1906-1969) ја ставил песната со текст и нотен запис во своето дело „Македонски народни борбени песни“ издадено во 1960 година. Песната е застапена и во македонскиот филм ,,До победата и по неа“ од 1966 година, на режисерот Жика Митровиќ, а по сценарио на Симон Дракул. Музиката во филмот е на хрватскиот композитор и диригент Миљенко Прохаска. Во 70-тите години на 20 век, диригентот и композитор, академик и професор Драган Шуплевски прави нов аранжман и хармонизација на песната. Ансамблот за народни песни и ора ,,Танец“, односно неговата мешана група и народниот оркестар ја имаат снимено оваа песна и истата таа се наоѓа на ЛП-плоча од 1973 година во издание на Радио-телевизија Белград. Песната во дует ја имаат снимено македонските музички легенди на народни песни Никола Бадев и Александар Сариевски, како и Добри Ставревски со хорска придружба. Песната често е застапена и во други македонски филмови и телевизиски серии со борбена тематика, како во ТВ-серијата „Наши години“ од 1979 година, по сценарио на Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски, со музика на групата „Леб и сол“. Многу години порано, нотите на песната ги слушавме во најавната шпица пред почетокот на пладневниот радиовесник и вестите на Радио-телевизија Скопје, односно, МРТВ. Песната е преработувана и интерпретирана во инструментална форма од страна на македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски и групата ,,Леб и сол“ и е застапена во музичкиот албум ,,Звучни зид“ од 1986 година во издание на загрепски ,,Југотон“. Во 2006 година, кога ,,Леб и сол“ издава ЦД/ДВД со наслов ,, Live in Macedonia“, истата песна се наоѓа и на тој албум. И Гарабет Тавитјан, сега со својата нова група ,,Гаро и парамециум“, ја има обработено во инструментална форма. Во 2001 година, тој го издава музичкиот албум со наслов ,,А бре, Македонче“, во кој е и самата песна. Истата група, во 2005 година, ја ставила песната и во новиот албум „The best of “. Диригентот и композитор маестро Александар Џамбазов ја преработил песната ,,А бре, Македонче“ со нов аранжман, а во 2013 година, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, ја интерпретирале членовите на Вокалниот квартет, во состав: Јане Дунимаглоски, Никола Стојчески, Иван Наумовски и Димитар Кожухаров во придружба на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Борјан Цанев. Во 2020 година, по повод 75 години од победата над фашизмот, музичкото „Трио џентлмен“, во состав: Јане Дунимаглоски, тенор, Дејан Стоев, тенор, и Кристијан Антовски, баритон, ја сними оваа безвременска песна со спот и голем број фотографии на борци, партизани и слично. Музичката група „Балкан бенд“ во 2022 година ја сними песната ,,А бре, Македонче“ и направи спот, кој беше во режија на Даниел Јовески – вели Белчески.

Изведби надвор од Македонија

Песната ,,А бре, Македонче“ се пее и се снима и надвор од Македонија. Крис Кљашов и музичката тајфа ,,Децата од Буф“, македонски иселеници во градот Хамилтон (Онтарио) Канада, исто така ја имаат снимено. Често се пее и од страна на навивачките групи на спортските натпревари низ Република Македонија, со цел поттикнување на спортските натпреварувачи и екипи на добра игра и победа. Но, за жал, често се менува текстот на песната, што доведува до непријатни ситуации и до нарушување на меѓунационалните односи кај нас.
Песната ,,А бре, Македонче“ и по 85 години не само што сѐ уште е жива туку се унапредува, се развива, добива нови форми, обработки, аранжмани, снимки и спотови.
– Во 2025 година, песната со наслов „А бре, Македонче, за каде се спремаш“ е обработена и ставена на платформата Јутјуб, на каналот „Томче ТФТ Бојаџиески“. И оваа 2026 година има две нови верзии на песната. На јутјуб-каналот „Мотарски“ со локација во Стокхолм, Шведска, е поставена песната со спот, обработена како спој на традицијата и технологијата, односно, вештачката интелигенција. Песната е преработена, направен е спот и е ставена на платформата Јутјуб на каналот „Сунано“, зад кој стои режисерот Гоце Цветановски – вели историчарот Рубинчо Белчески, потенцирајќи дека иако е создадена пред 85 години, не губи од својата актуелност, бидејќи зборува дека македонското име нема да загине.

Каролина Мицевска