Претседателот на Здружението „16 март“ и родител на една од жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“, Александар Наунов, порача дека семејствата на загинатите нема да дозволат одговорноста за трагедијата да биде релативизирана преку, како што ги оцени, спорни вештачења. Тој го постави прашањето дали корупцијата и привилегиите ќе продолжат да ја потиснуваат вистината, пренесе МИА.
Осврнувајќи се на денешното судско рочиште, Наунов посочи дека градежните експерти ги оспориле наодите на вештото лице предложено од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов.
Според неговите наводи, на рочиштето било посочено дека вештакот признал оти нема стручни познавања од областа на противпожарната заштита, а притоа не ги опфатил сериозните неправилности поврзани со конструкцијата на објектот, доградбите, евакуациските излези и заклучените врати.
Наунов упати критики и кон првообвинетиот, наведувајќи дека Јованов 13 години управувал со објектот во кој, според него, имало бројни неправилности и сомнежи за корупција.
Тој го доведе во прашање и постапувањето на судот, особено во однос на доказната постапка и доставувањето на списокот со сведоци на самото рочиште, на што, како што посочи, реагирало обвинителството.
-Зошто судот дозволува постапување што отвора сомнеж за привилегиран третман на првообвинетиот? Зарем 13 години неправилности не беа доволни? Зарем и по 63 згаснати животи ќе продолжиме со истите практики на оправдување и избегнување на одговорност? – праша Наунов.
Тој нагласи дека семејствата на настраданите се борат за правда и за спречување слични трагедии во иднина.
-Ние ја плативме цената со крвта на нашите најмили. Нема да дозволиме нивната смрт да биде погребана под невистини, спорни вештачења и нови неправдини. Нашата борба е ниту еден родител повеќе да не ја чувствува нашата болка. 63 животи не се предмет на надмудрување. Доста беше корупција, привилегии и неодговорност – истакна Наунов.
































