Со излагањето на вештото лице Горан Марковски од Градежниот факултет при УКИМ, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се одржува во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје, пренесе МИА.
Марковски се осврна на опфатот и методологијата на вештачењата изработени од Петре Русески, Василка Каевска и Инает Дани, како и на претходното усно излагање на вештото лице Русески. Во своето обраќање изнесе повеќе забелешки, оценувајќи дека во вештачењата на Русески има селективен пристап, изоставување релевантни факти и навлегување во области за кои самиот се изјаснил дека нема соодветна стручност.
Марковски посочи дека постојат значителни разлики во методолошкиот пристап меѓу вештачењето на неговиот тим и она на Русески. Според него, во нивниот наод се опфатени сите релевантни урбанистички, градежни и противпожарни аспекти поврзани со пожарот од 16 март 2025 година, додека во вештачењата на Русески се забележуваат пропусти и недоследности.
Една од забелешките се однесуваше на начинот на кој биле обработени прашањата поставени во налогот за вештачење. Марковски рече дека од вкупно 24 конкретни прашања биле одговорени 23, при што дел од прашањата воопшто не биле пренесени, други биле изменети или преформулирани, а во наодот биле вклучени и прашања што не биле содржани во првичниот налог.
Посебно внимание посвети на анализата на противпожарната заштита и градежните материјали употребени во објектот. Според Марковски, иако Русески се оградил од стручност во областа на противпожарната заштита, сепак се впуштил во анализа на одредени детали, додека изостанале одговори за безбедноста и својствата на материјалите вградени во дискотеката.
– Ова прашање воопшто не беше дали инвеститорот може самостојно или стручно да одлучува, туку прашањето беше стручното лице од областа на градежништвото да се произнесе за безбедното или небезбедното користење на вакви материјали во таков простор – рече Марковски.
Тој посочи дека во вештачењето не биле соодветно анализирани материјали како сунѓерот, полиуретанскиот сунѓер, декоративниот лим и нивното можно влијание врз настанувањето и развојот на пожарот.
Марковски го оспори и заклучокот дека во критичната вечер во дискотеката била обезбедена соодветна вентилација, оценувајќи дека таква констатација не може да се донесе без соодветни докази.
Забелешки изнесе и за недоволната анализа на стручната документација и доказите, меѓу кои ги посочи вештачењата на Одделот за форензички испитувања при МВР и на стручните лица од Природно-математичкиот факултет.
Во однос на минимално-техничките услови, Марковски истакна дека нивната исполнетост била констатирана врз основа на извештај од пазарен инспектор од 2012 година, без независна инженерска проверка дали објектот ги исполнувал пропишаните услови во периодот пред пожарот.
Тој се осврна и на повеќето градежни и ентериерни интервенции во објектот, меѓу кои изградбата на челичните галерии, поставувањето челични греди и столбови, затворањето на прозорците со декоративен лим, поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот и измените во инсталациите.
Според Марковски, овие зафати не можат едноставно да се третираат како внатрешно уредување, особено ако се земе предвид дека дел од нив влијаеле врз конструктивниот систем, нето-корисната површина и капацитетот на објектот.
– Кога самото вешто лице признава дека нема стручност за противпожарна заштита, тогаш не може таа стручна празнина да ја надомести со категоричен заклучок дека зафатите биле само внатрешно, односно ентериерно уредување – рече Марковски.
Во продолжение, тој ја оспори тезата дека Законот за градење се однесува исклучиво на изградба на нови објекти, посочувајќи дека законската регулатива го опфаќа целиот животен циклус на објектите, вклучително и нивната употреба, одржување и измените во текот на експлоатацијата.
Марковски ја доведе во прашање и констатацијата за неповрзаноста на класите на намена утврдени во деталниот урбанистички план со намената на објектот според Законот за градење. Како аргумент го посочи решението за услови за градба од 1999 година, во кое објектот бил означен како деловно-производствено-продажен.
Пред излагањето на Марковски, на почетокот од рочиштето, Јавното обвинителство изнесе забелешки за предлогот за вештачење на Мирослав Грчев и за начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите.
Обвинителството изрази сомнеж дека со предложениот начин на постапување може да дојде до одолговлекување на судскиот процес. Се спротивстави и на можноста вештите лица да се произнесуваат пред судот да донесе одлука за нивниот ангажман, како и на евентуалното усогласување на нивните наоди.
– Јавното обвинителство нема да се согласи во овој момент вештите лица да се произнесуваат, а особено не смее да се дозволи усогласување, бидејќи такво нешто законот не познава – беше наведено во излагањето на обвинителството.
Обвинителите отворија и прашање за можната поврзаност на ангажирањето одредени вешти лица од страна на дел од одбраната со претходни настани и заеднички вештачења, оценувајќи дека и ова прашање треба да добие одговор во текот на постапката.
Забелешки беа изнесени и за предложените сведоци. Обвинителството побара листите со имињата и околностите за кои треба да бидат сослушани да им бидат доставени на сите учесници во постапката, со цел навремена и соодветна подготовка за нивното испитување.
Одбраната, пак, посочи дека редоследот на изведување на доказите досега бил менуван со согласност на странките и дека обвинителството претходно не се спротивставувало на договорениот начин на презентирање на вештачењата. Беше нагласено дека секоја одбрана самостојно ја утврдува својата теорија и стратегија на одбрана.
Во врска со сведоците, одбраната информираше дека предложила 16 лица кои треба да сведочат за различни околности. Меѓу нив има претставници на Општина Кочани, МВР, противпожарната служба, како и лица кои учествувале во внатрешното уредување на дискотеката.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март истата година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
































