Европската полемика, размената на мислења и… балканските недоразбирања
- Изјавата на известувачот за Македонија, Томас Вајц, дека „Брисел треба да одигра поактивна улога во поттикнувањето директни разговори
меѓу Скопје и Софија…“, повторно ја отвора дилемата зошто дијалогот, кој се смета за основа на европските вредности, толку тешко се применува во македонско-бугарските односи
Отворените прашања меѓу две држави секогаш треба да се решаваат со искрен и директен пристап, без задни намери, политички калкулации и обиди едната страна да ја наметне својата волја врз другата. Особено кога станува збор за соседни земји, кои по природата на нештата се упатени едни на други, недоразбирањата треба да се надминуваат преку разговори, меѓусебно уважување и почит, наместо преку блокади, условувања и опструирање на иднината на соседот. Таквиот пристап не создава пријателство, туку, напротив, внесува зла крв меѓу двете општества, ги продлабочува недовербата и предрасудите и ги оддалечува народите, без оглед на тоа што живеат едни до други.
Токму таква е денешната реалност во односите меѓу Македонија и Бугарија. Две соседни држави, кои би требало да градат партнерство и да си помагаат на патот кон заедничката европска иднина, со години се заглавени во спор што наместо да се надминува, постојано произведува нови недоразбирања. Наместо добрососедство, се создаде атмосфера во која двете општества сè почесто се доживуваат како противници, па дури и како непријатели. А кога соседите ќе почнат да се гледаат така, тогаш веќе не станува збор само за дипломатски проблем, туку за сериозно нарушување на меѓусебната доверба.
Дијалогот не може да биде европска вредност само кога некому му одговара
Во таа насока е и последната изјава на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој ја повика еврокомесарката за проширување Марта Кос да вложи поголеми дипломатски напори за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија. Според Вајц, единствениот начин да се излезе од сегашниот ќор-сокак е двете влади да седнат на иста маса и директно да разговараат. Притоа, тој ги посочи разговорите меѓу Хрватска и Црна Гора како пример за тоа како треба да се надминуваат билатералните разлики меѓу земја членка на Европската Унија и земја кандидат за членство.
– Сакам да им се заблагодарам на премиерот (Андреј) Пленковиќ и на премиерот (Милојко) Спајиќ што разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија за билатералните прашања. Бидејќи билатералните прашања во никој случај не смеат да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување, туку токму вака треба да се постапува – рече Вајц, притоа додавајќи дека ова е добар пример за пристап кон билатералните прашања што бараат дијалог и во други земји, меѓу кои и Македонија.
Несомнено оваа порака отвора една едноставна, но суштинска дилема. Имено, ако разговорот е единствениот начин за надминување на билатералните спорови меѓу земја членка и земја кандидат, зошто токму Бугарија не покажува поголема подготвеност за таков пристап кон Македонија? Зарем двете држави немаат доволно дипломатски канали, политички механизми и европски посредници за да седнат на иста маса и да побараат решение? Зарем е потребно уште толку време да се потроши во меѓусебни обвинувања, политички пораки и барања што само ја оддалечуваат можноста за компромис?
Секако, разговорот не значи дека едната страна треба да се откаже од своите ставови, ниту дека решението мора да биде наметнато по секоја цена. Но тој подразбира подготвеност да се слушне и другата страна, да се разберат нејзините аргументи и да се бараат прифатливи решенија. Во спротивно, дијалогот станува само формалност, а политичките позиции се претвораат во непроменливи услови што не оставаат простор за вистински напредок.
Токму затоа кога една држава постојано инсистира на исполнување услови, а притоа не покажува доволно политичка иницијатива за градење заемна доверба, се отвора прашањето дали нејзината цел е навистина надминување на недоразбирањата или, пак, одржување на состојбата во која има можност да го условува европскиот пат на соседот. Не може целиот товар за излез од една политичка криза да биде ставен само на едната страна, особено кога станува збор за спор што со години ги оптоварува односите меѓу две соседни држави.
Брисел не смее да биде само набљудувач на македонско-бугарскиот спор
Особено е важно што Вајц не бара нешто невообичаено или некаква нова европска формула за решавање на спорот, туку повикува на примена на принцип што Европската Унија постојано го промовира како основа на своето функционирање. Ако Брисел го поздравува дијалогот меѓу Хрватска и Црна Гора, тогаш би требало да покаже иста политичка енергија и за поттикнување разговори меѓу Македонија и Бугарија. Не може во еден случај дијалогот да биде европска вредност, а во друг целиот товар за излез од кризата да се префрла врз земјата кандидат.
Тука се наметнува и прашањето за улогата на самата Европска Унија, односно дали Брисел навистина сака да биде активен посредник во надминувањето на спорот или неговата улога се сведува на повторување на веќе познатите барања до Македонија. Од еврокомесарката Марта Кос не се очекува да ги решава историските разлики, ниту да зазема страна во чувствителните прашања меѓу двете држави, но секако може да помогне во создавањето политичка атмосфера во која разговорите нема да бидат доживувани како отстапка, туку како нормален дипломатски инструмент.
Од друга страна, треба да се постави и прашањето зошто Софија толку тешко прифаќа директен политички дијалог во кој би се разговарало за сите отворени прашања, вклучувајќи ги и гаранциите за почитување на преземените обврски. Доколку целта е вистинско надминување на недоразбирањата, тогаш разговорите не би требало да претставуваат закана за ниту една страна. Напротив, тие би можеле да бидат можност за надминување на недовербата и за создавање поцврста основа за идните односи.
Членството во ЕУ носи и одговорност, а не само право на условување
Во разговор со поранешни дипломати, од кои некои имаат став дека Бугарија никогаш нема да отстапи од вековната доктрина кон Македонија, ни беше посочено дека официјална Софија тешко би прифатила какви било разговори кога во џебот има преговарачка рамка што ги исполнува сите нејзини апетити од минатото.
– Ако на Македонија постојано ѝ се укажува дека треба да ги исполнува преземените обврски, во случајов уставните измени, тогаш сосема е оправдано да се очекува и Бугарија да покаже дека има интерес за стабилни и предвидливи односи. Европската интеграција не може да биде процес во кој кандидатот постојано треба да докажува дека е подготвен за компромис, додека членката на Унијата останува надвор од каква било обврска за градење доверба. Членството во ЕУ носи и поголема одговорност, а не само поголема политичка моќ – велат нашите соговорници.
Според нив, токму изјавата на Вајц треба да се сфати и како потсетување дека добрососедските односи не се градат со блокади, туку со политичка зрелост и подготвеност за разговор.
– Македонија не бара од Бугарија да се откаже од своите ставови, туку да прифати дека и македонската страна има свои аргументи, чувствителности и достоинство што треба да бидат почитувани. Само така може да се создаде атмосфера во која договореното нема да биде доживувано како наметната обврска, туку како заеднички прифатено решение – истакнуваат дипломатите.
Тие додаваат дека не може да се прави равенство меѓу хрватско-црногорскиот и македонско-бугарскиот спор бидејќи евентуалните црногорски отстапки не значат загрозување на црногорскиот идентитет, но може да се следи патернот на разговори меѓу земја членка и земја кандидат.
– Ако Хрватска и Црна Гора можат да разговараат за своите отворени прашања и покрај тоа што едната е членка, а другата кандидат за членство во ЕУ, зошто истото тоа не би можеле да го направат Македонија и Бугарија? И зошто Европа гласно го поздравува дијалогот во едниот случај, а во другиот не покажува доволно решителност да го поттикне? На соседите не им е потребна вечна согласност за сè, туку доволно политичка мудрост да не дозволат несогласувањата да им ја уништат заедничката иднина. Ако европските вредности навистина се темелат на дијалог, почитување и компромис, тогаш тие треба да важат и кога разговорите се тешки, а не само кога се удобни за едната или другата страна – заклучуваат нашите соговорници.
Европската процедура мора да има јасни правила
Европскиот интеграциски процес подразбира почитување и на формата и на суштината, односно доследно придржување до утврдените процедури, но и исполнување јасно дефинирани критериуми што важат подеднакво за сите земји кандидати. Предвидливоста на проширувањето зависи токму од таа рамнотежа – правилата на постапката треба да бидат почитувани, а содржинските барања да произлегуваат од европските стандарди и принципи, наместо да се прошируваат со дополнителни услови што не се дел од заедничката европска рамка. Билатералните прашања, колку и да се чувствителни, треба да се решаваат низ непосреден дијалог меѓу засегнатите држави, без да се претвораат во постојано променлива пречка на патот кон членството. Само така процесот на проширување може да остане кредибилен, правичен и предвидлив за сите земји што се стремат кон европското семејство. Нема никаква дилема дека Македонија треба да се придржува до договорената процедура и да ги почитува преземените обврски, но тоа не значи дека процесот на проширување треба да се претвори во простор за отворање прашања што излегуваат надвор од европските критериуми. Формата и содржината мора да бидат еднакво коректни. Од една страна треба да се почитуваат правилата и чекорите предвидени во преговарачкиот процес, а од друга барањата што се поставуваат пред кандидатот мора да бидат јасни, прецизни и поврзани со европските стандарди. Билатералните недоразбирања, колку и да се чувствителни, треба да се решаваат преку директни разговори меѓу засегнатите држави, а не постојано да се пренесуваат во европската процедура и да стануваат дополнителни пречки за интеграцијата. Зашто, ако еднаш се воспостави практика европскиот пат да зависи од прашања што не се дел од утврдените критериуми, тогаш се губи предвидливоста на целиот процес. Затоа е важно и Македонија да остане доследна на преземените обврски, но и Европската Унија да гарантира дека правилата ќе важат еднакво за сите и дека пристапниот процес нема да се претвори во бесконечно менување на условите.
































