Фото: „Нова Македонија“

КОГА БРИСЕЛ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ЈА МЕРИ ДЕМОКРАТИЈАТА СО УСЛОВИ И КРИТЕРИУМИ ШТО СЕ НАДВОР ОД МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО?

  • Наместо да ги брани европските вредности, ЕУ го претвора политичкиот компромис во мерило за лојалност на новосоздадените „принципи и правила на ЕУ“, дијаметрално спротивни од основачките принципи на ЕУ и на меѓународното право. Македонија не може да биде обвинувана за нарушување на добрососедските односи затоа што нејзините граѓани и избрани претставници го употребуваат името што од искона го имаат како свое и неотуѓиво – Македонија

Брисел, поточно Европската комисија (ЕК), наместо да биде гарант на демократските принципи, почнува да се однесува како селективен толкувач. Токму таков впечаток остава најновиот извештај на Европската комисија за Македонија од 4 ноември, во кој се оценува дека членовите на Владата и високите функционери, кога не ја додаваат географската одредница на името на сопствената држава, ризикуваат да влијаат врз добрососедските односи!?
– Ова не е безначајна формулација. Таа е политичка порака со сериозна тежина, особено кога доаѓа од институција што претендира да биде врвен промотор на демократијата, владеењето на правото, слободата на изразување и почитувањето на човековото достоинство. Но да го поставиме прашањето што очигледно недостига во бриселската анализа. Имено, од кога употребата на името на сопствената држава во јавниот говор станува фактор што ги загрозува добрососедските односи? И според кој демократски стандард една држава треба да биде политички опоменувана затоа што нејзините претставници ја нарекуваат Македонија – зборува наш соговорник, адвокат со големо искуство во предмети од меѓународното право и од областа на човековите и колективните права.
Тој понатаму образложува дека не станува збор за повик до државните институции да ги игнорираат меѓународните обврски, туку дека констатацијата од извештајот на Европската комисија не смее да помине без сериозна аргументирана критика.
– Да не се разбереме погрешно. Не станува збор за повик државните институции да ги игнорираат меѓународните обврски. Станува збор за нешто многу посуштинско. А тоа сакам да го истакнам јасно во јавноста. Имено, дали една меѓународна институција има право да ја претвори примената на еден спорен политички договор во критериум за оценување на демократското однесување на една држава, без притоа да ги анализира сите правни, политички и историски околности, како и обврските на двете договорни страни? Ако е потпишан од двете страни… И противправни документи и договори во правото и воопшто во историјата на меѓународните односи се потпишувале. Но потоа по силата на правото тие биле прогласувани за ништовни. А овој Преспански договор, не е ништовен само по една основа. Низа видни професори по меѓународно право го аргументираат тоа. Овде, кај вас во весникот, особено професор Игор Јанев, чии аргументации се брилијантни. Не може да дозволиме силата да ја надвладее правдината. Затоа, одговорот на јавноста, вклучително и мојот, мора да биде недвосмислен. Таквата констатација од извештајот на ЕК не смее да помине без сериозна аргументирана критика – вели нашиот соговорник, адвокат со огромно искуство и на меѓународен план и во институциите на Европа.

ЕК го претвори Преспанскиот договор во забранета тема за демократска критика и расправа

Најпроблематичниот дел од констатацијата на Европската комисија е нејзиното изедначување на некористењето на уставното име од страна на одредени функционери со ризик за добрососедските односи. Преспанскиот договор од 2018 година е меѓународен договор со конкретно утврдени обврски. Неговата примена може да биде предмет на правна анализа, политичка дебата, критика, па и легитимно оспорување. Но не смее да се претвори во забранета тема за демократска расправа.
– Тука е суштинската разлика што Брисел мора да ја разбере. Едно е државата во своето официјално дипломатско и административно постапување да има одредени договорни обврски. Друго е граѓаните, новинарите, политичарите и избраните претставници да го употребуваат името Македонија во политичкиот и јавниот говор. А трето, сосема различно прашање е дали договорот што ги воспоставил тие обврски е правично склучен, дали неговите последици се во согласност со основните принципи на меѓународното право и дали неговата примена е доследна од двете страни. Овие три прашања не смеат да се ставаат во ист кош – вели адвокатот.
Тој додава дека слободата на изразување не престанува да постои затоа што некоја политичка формулација предизвикува незадоволство кај соседна држава.
– Членот 10 од Европската конвенција за човекови права ја гарантира слободата на изразување, вклучувајќи го и правото на политичко мислење и критика. Се разбира, од тоа не произлегува дека секоја официјална институционална постапка е ослободена од договорните обврски на државата. Но уште помалку произлегува дека политичкото несогласување со наметнатиот назив може да биде третирано како закана за добрососедството. Ако ЕУ навистина верува во демократски плурализам, тогаш мора да прифати дека постои право на политичко несогласување со Преспанскиот договор, вклучувајќи го и несогласувањето со неговите последици врз државниот и националниот идентитет. Европската демократија не смее да се претвори во систем во кој политичката лојалност кон еден меѓународен договор се мери според тоа дали некој ќе ја изговори додавката „Северна“ – истакнува нашиот соговорник, адвокат од Македонија, но со исклучително големо искуство и успеси во предмети на пред меѓународните европски институции. П.Р.


Игор Јанев: Правната спорност не се решава со политичка декларација

Нашиот соработник, професор по меѓународно право од Белград, Игор Јанев, од поодамна ја антиципираше оваа реакција на Европската комисија и повеќепати во јавноста, како и на страниците на „Нова Македонија“, приложуваше силни правни аргументи за кои никој досега од ЕУ не најде соодветни противаргументи

Критиката на Преспанскиот договор не е надвор од демократијата

Во анализите на Јанев се критикува правниот идентитет на договорните страни, начинот на кој Македонија е означена како „втора страна“, односот меѓу претходниот меѓународен статус на државата и новата договорна конструкција, како и прашањето дали со меѓународен договор може да се навлегува во државниот и националниот идентитет на начин што тој го смета за спротивен на основните принципи на меѓународното право. Јанев го застапува ставот дека Преспанскиот договор е правно невалиден и ништовен.
За потсетување, во својата анализа објавена во „Нова Македонија“ на 5 јули 2021 година, тој посебно го проблематизира правниот квалитет на идентификацијата на договорната страна како „втора страна“ и последиците од таквата конструкција. Неговата критика не се ограничува на терминологијата. Таа се однесува на прашањето дали меѓународното право може да биде инструмент за промена на државниот идентитет и дали формалната согласност на државата е доволна за да се отстранат сите правни дилеми што произлегуваат од содржината и околностите на договорот.
Натаму, во друга анализа, објавена на 20 март 2023 година во нашиот медиум, професор Јанев ја разгледува можноста за враќање на претходното државно име и ги анализира правните и политичките последици од Преспанскиот договор. Овие ставови заслужуваат сериозно разгледување, а не политичко дисквалификување. Особено затоа што меѓународното право не е систем во кој договорот станува недопирлив само затоа што е потпишан и ратификуван.

Недозволиво е Европската комисија да настапува како прашањето за легитимноста и правичноста на Договорот од Преспа да е завршено засекогаш…

Виенската конвенција за договорното право од 1969 година предвидува јасни правила за ништовност на договорите, вклучувајќи ги случаите на принуда врз претставник на држава, член 51, принуда врз држава со закана или употреба на сила спротивно на Повелбата на ОН, член 52, и судир со императивна норма на меѓународното право, член 53. Членовите 46, 48, 49 и 50, пак, ги уредуваат прашањата за повреда на внатрешните правила за надлежност при склучување договори, заблуда, измама и корупција на државен претставник. Овие одредби се правна основа за сериозно испитување на околностите под кои е склучен еден меѓународен договор. Но нивното реално постоење не значи дека ништовноста на Преспанскиот договор е автоматски прифатена. За тоа е потребна соодветна постапка. И токму затоа е недозволиво Европската комисија (ЕК) да настапува како прашањето за легитимноста и правичноста на договорот да е завршено засекогаш, а секое политичко несогласување со неговите последици да го третира како проблем за добрососедството. Критиката на договорот НЕ е надвор од демократијата. П.Р.


Преспа не е договор со еднострани обврски

Еден од најсериозните пропусти во начинот на кој се води оваа дебата е недоволното инсистирање на принципот на заемност. Преспанскиот договор не е едностран акт. Тој воспоставува права и обврски за двете договорни страни.
– Ако Европската комисија веќе инсистира на доследна примена на договорот, тогаш мора да ја анализира и примената на обврските од страна на Грција, а не само да ги издвојува политичките изјави и употребата на името од македонските функционери. Особено е важен членот 20 став 8 од договорот, кој предвидува дека првата страна ќе го применува договорот во согласност со обврските што произлегуваат од членството во Европската Унија и во другите меѓународни организации и инструменти. Тоа не е безначајна одредба. Напротив, станува збор за обврска што мора да се разгледува во контекст на конкретните дејствија на грчката држава. Покрај тоа, договорот содржи и конкретни обврски поврзани со поддршката на меѓународната интеграција на втората страна, соработката во меѓународните организации, економската соработка, трговските прашања, инфраструктурното поврзување и работата на заедничките комисии. Прашањето во тој контекст што се наметнува е многу едноставно. Имено, каде е целосната билатерална анализа на исполнувањето на тие обврски? Дали Европската комисија направила детална проверка на секоја релевантна обврска на Грција? Дали ги утврдила сите евентуални пропусти? Дали ги споредила обврските на двете страни со еднакви критериуми? Ако тоа не е направено, тогаш се создава впечаток на селективна примена на принципот на договорна одговорност – анализира наш соговорник, дипломат од кариера и поранешен амбасадор со големо искуство во меѓународните односи и дипломатија.
Тој посочува и на непринципиелноста кога станува збор за барањата упатени кон Македонија, во однос на обврските на другата договорна страна.
– Не е ниту дипломатски, а камоли правно прифатливо од Македонија да се бара максимална чувствителност кон секоја формулација на нејзините политичари, додека исполнувањето на конкретните обврски од страна на другата договорна страна да остане надвор од фокусот на критиката – додава нашиот соговорник дипломат. П.Р.


Преспанскиот договор не е Свето писмо, самиот текст предвидува повлекување

Постои уште еден факт што често се премолчува во ЕУ. Имено, Преспанскиот договор не предвидува дека неговото престанување е невозможно. Напротив, членот 20 изречно предвидува дека договорот останува во сила на неопределено време, но и дека секоја од страните може дипломатски да ја извести другата за својата желба да се повлече, по што договорот престанува да важи шест месеци по доставувањето на писменото известување. Според нашиот соговорник, адвокат од Македонија, токму во тој член се прави суштинска разлика со тезата дека овој квазидоговор е „вечен“.
– Самиот договор, во кој одредени одредби се означени како неповратни, содржи механизам за повлекување од договорниот однос. Затоа е погрешно договорот да се претставува како документ од кој не постои никаква правна излезна патека. Секако, едно е правото на повлекување предвидено со самиот договор, а друго е прашањето за ништовноста според меѓународното право. Тоа се различни правни институти. Но, рака на срце, и едното и другото покажуваат дека Преспанскиот договор не може да биде изземен од правна расправа, политичка оценка и демократска дебата. Неговата содржина не може да биде претворена во догма, ниту неговата политичка одбрана во услов за добивање европска легитимација – вели нашиот соговорник. П.Р.


Опасен преседан е кога соседот добива право да го оценува јавниот говор на една држава

Европската комисија во истиот свој извештај признава дека „билатералната соработка со Грција продолжува во областите на економијата, инфраструктурата, енергетиката, туризмот и културата“. Но, истовремено, таа го издвојува некористењето на уставното име како фактор што може да ги наруши добрососедските односи. Но зошто токму употребата на името е издвоена како толку значаен политички показател? Зошто не се применува истата аналитичка строгост врз сите договорни обврски?
– Во извештајот се наведува дека билатералните договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Тоа е принципиелно исправно. Но токму таа формулација ја обврзува комисијата да биде НЕПРИСТРАСНА и да не го претвора извештајот во инструмент за пренесување на политичките очекувања на Атина. Не може да има европска правда со еден критериум за Македонија, а друг за Грција. Не може од македонската страна да се бара доследност во употребата на секој збор, а истовремено да не се бара еднакво доследна отчетност за исполнувањето на сите договорни обврски од грчката страна. Ако има пропусти, тие треба да бидат именувани. Ако има неисполнети обврски, тие треба да бидат наведени. Ако постојат отворени прашања, тие треба јавно да бидат образложени. Тоа е вистинска европска контрола врз примената на договорите, а не селективно политичко предупредување – вели соговорникот – искусен дипломат од кариера.

Од каде Грција го црпи правото да го има ексклузивитетот за користење на генеричкото име Македонија?

Констатацијата на Европската комисија во извештајот, во врска со користењето на името Македонија, отвора едно многу пошироко прашање.
– Ако некористењето на уставното име може да биде оценето како ризик за добрососедските односи, тогаш каде завршува договорната обврска, а каде започнува политичкото условување на јавниот говор? Дали утре секое политичко несогласување со историските толкувања на соседна држава ќе биде оценето како нарушување на добрососедството? Дали критиката на одредена билатерална спогодба ќе биде третирана како дипломатска провокација? Дали употребата на националното име ќе стане предмет на меѓународно политичко и економско дисциплинирање? Затоа што сега нашиот јужен сосед го забранува името Македонија и жестоко реагира дури и кога тоа ќе се најде на етикетите за вино или за некој друг наш производ што се извезува, па дури и кога е наменет за внатрешниот пазар – со голема доза вчудовиденост нашиот соговорник дипломат го толкува начинот на кој реагираат Атина и Брисел.
Тој додава дека тоа се прашања што не можат да се игнорираат.
– Добрососедските односи не се односи во кои едната страна има право да ја диктира политичката чувствителност на другата. Тие подразбираат заемно почитување на суверенитетот, достоинството, еднаквоста и правото на секоја држава да ги развива сопствените демократски процеси. Соседството не значи политичка потчинетост. Договорот не значи укинување на правото на критика. А дипломатската коректност не значи обврска граѓаните да го напуштат сопствениот историски и национален речник – подвлекува нашиот соговорник. Тој додава дека токму тука е и најголемата опасност во пораката на Брисел.
– Имено, наместо ЕК да го поттикнува дијалогот, ваквата формулација може да создаде впечаток дека секоја политичка реакција во Македонија против последиците од Преспанскиот договор претставува потенцијален проблем за односите со Грција. Тоа не е европски пристап кон демократијата. Тоа е опасно приближување кон политичко условување на слободата на изразување – акцентира дипломатот за јавноста. П.Р.


КОНСТАТАЦИЈА НА ЕК ШТО ЗАСЛУЖУВА ОСТРО ОСПОРУВАЊЕ,
А НЕ ПОЛИТИЧКО ПРИФАЌАЊЕ

Македонија не ги игнорира меѓународните договори, туку бара нивната примена да биде предмет на правна прецизност, заемност и еднакви стандарди

 

Констатацијата на Европската комисија (ЕК) во извештајот за Македонија дека „некористењето на уставното име од страна на одредени македонски функционери ризикува да ги наруши добрососедските односи“, мора сериозно да биде оспорена! Не затоа што Македонија треба да ги игнорира меѓународните договори, туку затоа што нивната примена мора да биде предмет на правна прецизност, заемност и еднакви стандарди. Не затоа што не треба да постои дипломатска коректност кон Грција туку затоа што таа коректност не смее да се претвори во политичко право на јужниот сосед да ја определува содржината на македонската јавна дебата. Не затоа што европската интеграција не е стратешки интерес, туку затоа што европските вредности не смеат да бидат претворени во механизам за наметнување политичка догма! Ако Брисел сака да ја оценува примената на Преспанскиот договор, тогаш нека ги оцени сите негови одредби. Нека ги анализира обврските на двете страни. Нека ги идентификува конкретните пропусти и нека ги примени истите критериуми врз Атина и Скопје. Ако сака да ја оценува демократијата во Македонија, тогаш нека ја оценува преку функционирањето на институциите, независноста на судството, владеењето на правото, слободата на медиумите и заштитата на човековите права. Но нека не ја мери демократијата според тоа дали некој македонски политичар ќе ја изговори или нема да ја изговори географската додавка што, еве, и јас нема да ја изречам како одредница, пред вистинското име на нашата татковина – Македонија! И најпосле, нека не заборави дека добрососедството е двонасочна улица, а меѓународното право не е инструмент за еднострано политичко дисциплинирање на помалите држави. Македонија има право на своето име, право на сопствена демократска расправа и право на правна аргументација за договорите што ја засегаат. Ниту една европска институција нема право овие права да ги претвора во предмет на политичко сомневање. Оваа забелешка на европската влада треба да биде отфрлена како недоволно аргументирана, политички непропорционална и опасна за принципот на демократски плурализам, со индигнација кон нејзината селективност, но со аргументи, факти и меѓународно право. Затоа што и Европа не е само географија. И ЕУ не е само (бирократска) процедура. Европа е, пред сè, систем на вредности. А тие вредности има да важат за сите, а ако не важат еднакво за сите, тие престануваат да бидат вредности.

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија