Фото : Маја Јаневска Илиева

На 556 пензионери кои имаат платежни сметки во Банката, а не располагаат со платежни картички, денеска им се исплатени средства од „АЛТА банка“ АД Битола, во филијалата во Битола, иако според првичниот план се очекуваа околу 400 исплати, соопшти Народната банка.

– Исплатата на средствата се одвиваше во најдобар ред. Иако за денеска преку СМС-пораки беа повикани околу 400 граѓани, на шалтерите беа услужени сите граѓаните кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можеа да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели – соопштија оттаму.

Оттаму додаваат дека истовремено, на сметките на „АЛТА банка“ АД Битола денеска се уплатени и средствата наменети за исплата на социјалната помош од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со тоа се создадени услови исплатата на средствата за корисниците на социјална помош да започне од утре, 6 ноември.

– Потсетуваме дека филијалата на „АЛТА банка“ во Битола утре (6.11) ќе работи во две смени, а ќе работи и во сабота. Очекуваме по извршените подготовки, следната недела да се отворат шалтери и во другите градови. Народната банка продолжува со преземање активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија за постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите – се вели во соопштението.