Вита Поп Јорданова / Колоризација: Дејан Јовески - „Нова Македонија“

Одбележување на 83-годишнината од смртта на истакнатата македонска партизанка и учесничка во НОВ

  • За нашата Вита, поетот Ацо Шопов напиша песна во времето кога заедно се бореа со партизаните на Шар Планина. Песната „На Кара-Даг“ е едно од потресните партизански поетски остварувања на великанот на македонската поезија, Ацо Шопов

На денешен ден – 6 ноември 1943 година – на Кара Даг, Шар Планина, загина Вита. Поминаа 83 години од тој крвав ден, но болката не е помала. Згасна една младост, заедно со големите идеали за слобода, еднаквост, правда и поубав живот. Загина од куршумите на балистите и бугарските контрачетници подмолно, од зад грб. Беше во Шарпланинскиот одред заедно со други македонски партизани, кои имаа задача да ги пренесат членовите на англиската мисија од Албанија во Македонија.
Вита беше запишана во прва година на Медицинскиот факултет во Софија, но не доживеа да ги исполни своите надежи дека бесплатно ќе ги лекува сите луѓе, особено сиромашните. Беше од богато и учено семејство, но се бореше за онеправданите и сиромашните.
Со нејзиното име долги години функционираше Пионерскиот дом во Штип, а постои и улица со нејзиното име во Кочани. Во пионерскиот дом на овој ден многу години се одржуваше свеченост на која децата читаа творби посветени на Вита, имаше изложби и други манифестации што ги раздвижуваа младите и сведочеа за загинатата партизанка.
Нејзиниот брат Јордан во нејзин спомен 10 години доделуваше награда за најдобар млад научник на годината во МАНУ, која не беше само мотив и гордост туку и материјална помош за истражувачите (изнесуваше пет просечни плати издвоени од сопствени средство). И не само во Штип: во Качаник постоеше училиште со нејзиното име. На денот на нејзината погибија се славеше патронен празник, а учениците читаа сопствени творби посветени на храбрата партизанка. Сѐ до распаѓањето на Југославија заедно со косовските првоборци и почитувачи одевме на местото каде што беше загинала и положувавме цвеќе за нејзино сеќавање. Зашто Вита беше нешто посебно!
И сето тоа некако полека одеше во заборав, потиснато од моменталните политички текови, особено со распадот на заедничката татковина кога границите нѐ разделија. Ние – нејзиното семејство, никогаш нема да ја заборавиме. Секој 6 ноември положуваме цвеќе на нејзиниот споменик во Штип. Горди сме што постоела, што била дел од семејството, што била пример за тоа каков треба да биде вистинскиот човек и патриот.
За нашата Вита, поетот Ацо Шопов напиша песна во времето кога заедно се бореа со партизаните на Шар Планина. Песната „На Кара-Даг“ е едно од потресните партизански поетски остварувања на великанот на македонската поезија, Ацо Шопов.

„Очи ти сакам молња да режат,
Кипнати гради оган да горат,
Врели ти усни зар да се сторат,
под твоите раце
под твојата сила
врагој да мрзнат и да се ежат
другарко моја, другарко мила!
Не за љубовни песни ти пеам
Не за вечери неспани тлеам
Оваа песна за бунт збори
Во неа крвта моја гори
Таму – кај пламен народен пламти,
И пушки грмат
И долој ечат
Таму –
Кај борци за зори јасни
За живот
во смрт без жалба минат –
Другарко, таму љубовта расне!
Сред тие бури
В пламини сури
Другарко моја, другарко мила,
Прва да идеш,
Прва да бидеш,
А, ако куршум младост ти зграби
Немој да тажиш
Немој да жалиш-
Огнени очи пак ќе ти светат
Илјада срца со жар ќе палиш
Илјада борци в борба ќе кренат.
Очи ти сакам молња да режат
Кипнати гради оган да горат
Врели ти усни жар да се сторат
Под твоите раце
Под твојата сила
Врагој да мрзнат
И да се ежат
Другарко моја, другарко мила!“

(ноември 1943 година, Шар Планина, Кара-Даг)

Нека и е вечна слава и нека остане трајно во сеќавањата на идните поколенија. Младите нека го следат нејзиниот пример и идеалите за кои го положи животот. И денес постојат причини за борба, не со оружје туку со умни постапки, со љубов за знаење, со желба за доброто и просперитет на овој наш намачен народ.

Нада и Софија Поп-Јорданови