Фото: Маја Јаневска Илева

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, во рамки на работната посета на Берлин учествуваше на работен ручек организиран од директорот на Европската академија во Берлин, д-р Кристијан Јохан. Средбата била посветена на европската перспектива на Македонија и иднината на политиката на проширување на Европската Унија, соопшти Министерството за европски прашања, пренесе МИА.

Во фокусот на разговорите била постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ, како и можностите земјите кандидатки, во зависност од напредокот во реформите, да користат одредени европски политики и инструменти пред полноправното членство.

Сали истакнал дека постепената интеграција не претставува замена за членството во Унијата, туку механизам за европскиот интегративен процес да стане покредибилен и да донесе поконкретни придобивки за граѓаните. Како примери ги посочил вклучувањето на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и напредокот во соработката во областа на роамингот, транспортот, поврзаноста и трговијата.

На средбата биле разгледани и Планот за раст за Западен Балкан и поврзаноста на спроведувањето на Реформската агенда со зајакнувањето на владеењето на правото и отворањето нови економски можности. Била нагласена потребата од предвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и ориентиран кон резултати.

Посебно внимание било посветено на улогата на академските институции и истражувачките центри во поттикнувањето информирана дебата за проширувањето и во подобрувањето на разбирањето меѓу земјите членки и кандидатките.

Сали ја потврдил посветеноста на Македонија на реформите и на полноправното членство во Европската Унија, нагласувајќи дека постепената интеграција треба да им овозможи на граѓаните и компаниите побрзо да ги почувствуваат придобивките од европскиот пазар.