Извештајот на Европската комисија за 2026 година нотира позитивни достигнувања во правосудството и напредок во унапредувањето на законската и институционалната рамка согласно европските стандарди, соопшти попладнево Министерството за правда.
Како позначајни достигнувања, Министерството ги издвојува спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028 година, донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, кој во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија, како и новиот Закон за Советот на јавните обвинители.
Во соопштението се наведуваат и донесувањето на законите за платите на судиите и јавните обвинители, новиот Закон за парничната постапка, напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото, како и општата усогласеност на законската рамка за основните права со европските стандарди.
Од Министерството за правда оценуваат дека констатираните резултати претставуваат потврда за досегашните активности, но и обврска за продолжување на реформскиот процес.
Во наредниот период, како што посочуваат, акцентот ќе биде ставен на доследната примена на законските решенија и исполнувањето на препораките на Европската комисија. Од Министерството нагласуваат дека успехот на реформите не се оценува само преку донесените закони, туку и преку нивното влијание врз функционирањето на институциите и остварувањето на правата на граѓаните.
Целта, според Министерството, останува изградба на независен, професионален, транспарентен и ефикасен правосуден систем, во кој законот ќе важи подеднакво за сите, а довербата на граѓаните ќе се гради преку конкретни резултати.

































