Катедрата за македонски јазик и книжевност, на иницијатива на Македонско-хрватското друштво (МХД), на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово организираше научен собир кој опфати предавања посветени на јазичните, книжевните и културните врски помеѓу македонскиот и хрватскиот народ. Настанот, покрај излагачите, обедини голем број професори и истражувачи од универзитетите низ државата, како и претставници на сродни стручни институции.

Еминентните соговорници донесоа нови сознанија на зададените теми. Крлежините балади на кајкавски јазик (објавени во 1936 година под наслов „Баладите на Петрица Керемпух“) го имаат зацврстено чувството кај Кочо Рацин за употребата на народниот говор во книжевноста. Крлежа го инспирира Рацин, а Рацин пак – Јуре Каштелан. Настанот, меѓу другото, одбележа и повеќе значајни јубилеи, како и 90 години од објавувањето на првата песна на Кочо Рацин на македонски јазик, „До еден работник“, објавена во загрепското списание „Књижевник“. Иво Козарчанин ја напишал првата критика за опусот на Рацин во 1940 година, во списанието „Сувременик“. Беше посочено и дека оваа година се одбележуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков, кој ја преведува „Патник“ од хрватскиот автор Петар Прерадовиќ, што е прв препев од хрватски на македонски јазик. Мисирков останува и значаен поради почитта и уважувањето спрема Ватрослав Јагиќ.

Собирот најпрво на хрватски јазик го најави и поздрави деканката на факултетот, проф. д-р Емине Шабани.

Присутните се обврзаа да ја интензивираат соработката, а потенцијалното издавање Зборник беше посочено како ново ниво на меѓусебна соработка.