Фото: Принтскрин

Министерството за здравство ќе формира посебна комисија која ќе го разгледува случајот со Ива Михајлова, а во ревизијата ќе бидат вклучени и експерти од странство. Ова го најави министерот за здравство Сашо Клековски, по завршувањето на првичниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), со кој беа опфатени повеќе здравствени установи.

 – Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија, како и болниците во Кочани и Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот, ќе побарам експерти од странство да направат ревизија – изјави Клековски.

Министерот ова го соопшти по средбата со новинарите, на која ги презентираше реализираните активности и стратешките приоритети на Министерството за здравство во изминатите три месеци.

Тој посочи дека целокупната медицинска документација веќе е прибрана и дека претстои нејзина детална анализа. Со формирањето на посебната комисија и ангажирањето странски експерти, ќе следува дополнителна проверка на документацијата и на постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот.