Фото: МИА

Има отпор на Клиниката за онкологија и во дел од клиничките болници во однос на децентрализацијата на онколошката терапија, но Министерството за здравство работи со раководствата на установите за надминување на проблемот и побрзо спроведување на процесот. Ова денеска го истакна министерот за здравство Сашо Клековски.

На презентацијата на реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци, Клековски се осврна на повеќе суштински проблеми во здравствениот систем. Посочи дека области во кои се потребни значителни подобрувања се радиологијата, онкологијата, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и преиспитувањето на концептот за долгорочна нега.

Одговарајќи на новинарско прашање за долгонајавуваната децентрализација на онколошката терапија, министерот направи паралела со искуствата од Клиниката за неврологија, каде што претходно се соочиле со сличен отпор при пренесувањето на терапијата за пациентите со мултиплекс склероза.

– Се велеше дека има многу работа бидејќи голем број пациенти се вклучени на биолошка терапија за мултиплекс склероза. Но, во моментот кога предложивме терапијата да се дава и надвор од Клиниката за неврологија, се појави отпор. Цела година работевме за таа терапија да почне да се применува во Штип, Охрид и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Ќе подготвиме национален план, но основниот принцип е дека Клиниката за онкологија ќе остане централна установа за третман. Сепак, неопходно е дел од терапиите да се пренесат и во други болници, поблиску до местото на живеење на пациентите – истакна Клековски.

Тој појасни дека паралелно се работи и на подобрување на здравствените услуги во неколку болници надвор од Клиниката за онкологија, како и на преиспитување на досегашниот модел на организирање на радиотерапијата.

– Претходниот обид е неуспешен. Очигледно е дека пред десет години се набавени акцелератори кои сè уште не се во употреба. Мораме да пристапиме кон ова прашање од поинаков аспект, а наскоро ќе имаме и конкретни предлози – рече министерот.

Клековски најави дека децентрализацијата на онколошката терапија треба да започне во најмалку две болници во рок од три месеци. Доколку се создадат услови, процесот ќе биде проширен и на трета болница надвор од Скопје.

Според него, со ваквиот пристап ќе се растовари капацитетот на Клиниката за онкологија, а пациентите ќе добијат можност дел од терапиите да ги примаат поблиску до местото на живеење.