Фото: Министерство за дигитална трансформација

Европската комисија констатира „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, а истовремено го подобрува и нивото на подготвеност на земјава, од „умерено“ на „меѓу умерено и добро ниво на подготвеност“. Ова се наведува во Извештајот на Европската комисија за 2026 година, соопшти Министерството за дигитална трансформација.

Од Министерството оценуваат дека позитивните оценки го потврдуваат значењето на спроведените дигитални реформи и нивниот придонес во напредокот на државата кон членство во Европската Унија.

Подобрувањето е особено значајно ако се спореди со оценките од претходните години. Имено, во четири последователни извештаи, од 2021 до 2024 година, Европската комисија констатираше „ограничен напредок“ во ова поглавје. Во 2025 година оценката беше подобрена на „одреден напредок“, додека во 2026 година достигна „добар напредок“, проследен и со повисока оценка за подготвеноста на земјата.

Европската комисија ги препознава конкретните резултати во усогласувањето на законодавството со европското, проширувањето на електронските услуги, зајакнувањето на интероперабилноста и кибербезбедноста. Долгогодишните препораки, како што посочуваат од Министерството, добиваат конкретен одговор преку усвоени закони и стратегии, воспоставување нови оперативни капацитети и зголемено користење на дигиталните услуги.

Меѓу позначајните реформи се усвојувањето на долгорочната ИКТ-стратегија со акциски план и Стратегијата за кибербезбедност, донесувањето на законите за електронски комуникации и за безбедност на мрежи и информациски системи, како и измените на законската регулатива за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Дополнителното усогласување во областа на електронските комуникации претставува важен чекор кон примената на европските правила и стандарди.

Напредокот е видлив и преку услугите што ги користат граѓаните и компаниите. Според Министерството, Европската комисија констатира дека користењето на електронските услуги е удвоено во однос на претходната година. На крајот на август 2026 година, на националниот портал биле достапни 338 електронски услуги, вклучително и делумно достапните услуги.

Како позитивни резултати се издвојуваат и воведувањето електронски услуги што граѓаните најчесто ги користат, меѓу кои издавањето изводи од матичните книги и уверенија за државјанство, како и подобрувањето на пристапот до дигиталните услуги за бизнисите.

Напредок е забележан и во дигитализацијата на работата на институциите. Централниот систем за управување со документи го користат 44 институции, а зајакнувањето на интероперабилноста, односно електронската размена на податоци меѓу институциите, е издвоено како еден од резултатите што придонесуваат за позитивната оценка.

Во областа на кибербезбедноста, покрај усвоената законска и стратешка рамка, воспоставен е и MKD-GOV-CSIRT – владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти. Вложувањата во современи технологии и стручни капацитети дополнително ја зајакнуваат способноста на институциите за справување со киберзаканите.

Позитивните оценки за дигитализацијата се нотирани и во делот од извештајот посветен на услугите за граѓаните и бизнисите, во рамките на реформата на јавната администрација. Европската комисија констатира значителни подобрувања во текот на 2025 година и на почетокот на 2026 година, потврдувајќи ја улогата на дигиталната трансформација во поефикасното функционирање на институциите.

Од Министерството за дигитална трансформација посочуваат дека, во соработка со институциите и партнерите, продолжуваат со спроведувањето на реформите и исполнувањето на преостанатите препораки на Европската комисија.

Повисоките оценки, како што наведуваат, се потврда за досегашните резултати, но и поттик за продолжување на реформските процеси кон изградба на модерна, ефикасна и безбедна дигитална држава, со побрзи и подостапни услуги за граѓаните и компаниите.