Македонија активно се вклучила во Планот за раст за Западен Балкан и ги интензивирала напорите за спроведување на неговите четири столба: постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, суштински реформи и зголемена финансиска поддршка. Ова се наведува во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјава, кој официјално ќе биде претставен попладнево во Брисел.
Во документот се нагласува дека останува неопходно спроведувањето на клучните реформи поврзани со европската интеграција.
– Македонија ја задржа целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина, испраќајќи силен сигнал за својот стратешки избор за пристапување кон ЕУ и потврдувајќи се како доверлив партнер – се наведува во извештајот.
Земјава продолжила со подготовката на потребната документација за исполнување на условите за отворање на Кластерот 1 – „Основи на процесот на пристапување“. Сепак, Европската комисија нотира дека нема напредок во усвојувањето на релевантните уставни измени, предвидени со заклучоците на Советот од 2022 година.
Македонија продолжила да ја спроведува Спогодбата за стабилизација и асоцијација, при што биле одржани состаноци на повеќе заеднички тела. Меѓу нив е и Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој во април 2026 година се состанал за првпат по 2021 година.
Во извештајот се оценува дека земјава одржува добри односи со другите држави опфатени во процесот на проширување и продолжува да учествува во регионалните иницијативи.
Европската комисија, исто така, нагласува дека постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Тоа ги вклучува Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Владината коалиција, според извештајот, останува стабилна. Напредок е забележан во реформите поврзани со локалната самоуправа, но сè уште се очекува усвојување на клучната законска регулатива.
Во реформите на јавната администрација, Македонија е оценета како умерено подготвена. Напредок е забележан во проширувањето на електронските услуги и надградбата на системот за електронско управување со документи.
Во областа на правосудството и основните права, земјава има умерено ниво на подготвеност за примена на правото на ЕУ и европските стандарди, додека вкупниот напредок е оценет како ограничен.
Како позитивен чекор се посочува развојот на патоказот за владеење на правото, кој ги утврдува обврските за наредниот период во однос на усогласувањето со правото на ЕУ и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Корупцијата останува сериозна загриженост
Особено критична е оценката за борбата против корупцијата. Европската комисија наведува дека Македонија не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, која и понатаму е широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост.
– Македонија е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка и нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата и понатаму е распространета и претставува прашање од сериозна загриженост – се наведува во документот.
Во извештајот се посочува дека измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба и криминалното здружување, не ги отстрануваат соодветно негативните последици од измените од 2023 година и дополнително придонеле за правна несигурност.
Европската комисија оценува дека Државната комисија за спречување на корупцијата треба да ја засили проактивната идентификација на потенцијални случаи на неправилности.
Дополнително, случаите на корупција на високо ниво и понатаму се соочуваат со одолговлекување, а често и со застарување, што ја засилува перцепцијата за неказнивост.
Извештаите за проширувањето денеска во Брисел
Еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево ќе го претстави Пакетот за проширување за 2026 година, кој ги содржи извештаите на Европската комисија за десет земји кандидати за членство во ЕУ.
Пакетот најпрво ќе биде презентиран пред членовите на Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент. Потоа постојаните известувачи на Комитетот ќе подготват посебни резолуции за секоја земја, со ставовите и препораките на Европскиот парламент за нивниот пат кон членство во Унијата.
Утре, 5 ноември, Комитетот за надворешни работи, во соработка со Комитетот за буџети (BUDG), ќе го организира петтиот дијалог за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, третиот дијалог за истиот инструмент за Молдавија и шестиот дијалог за Инструментот за Украина.
































