Фото: Пиксабеј

Авион на српската национална авиокомпанија „Ер Србија“, кој летал кон Москва, бил вратен во Белград поради потреба од дополнителни безбедносни проверки поврзани со еден од патниците, соопшти авиокомпанијата, објави РТС.

Според соопштението, одлуката за враќање на авионот била донесена откако компанијата добила информација од надлежните аеродромски служби дека се неопходни дополнителни проверки.

– Во согласност со добиените инструкции и сите важечки безбедносни прописи, донесена е одлука авионот да се врати во Белград за да се спроведат сите неопходни процедури – наведуваат од „Ер Србија“.

Од компанијата појаснуваат дека контролата на патниците и багажот е во надлежност на аеродромскиот безбедносен систем и соодветните служби.

Откако дополнително биле добиени информации кои барале нови безбедносни проверки, авиокомпанијата постапила според инструкциите на надлежните органи.

– Екипажот на „Ер Србија“ постапуваше целосно во согласност со утврдените процедури и највисоките безбедносни стандарди – се наведува во соопштението.

Во меѓувреме, дел од српските медиуми објавија дека во авионот на летот за Москва наводно се наоѓале претседателот на Движењето на социјалистите, Александар Вулин, претседателот на Српската народна партија, Ненад Поповиќ, и директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ.

Овие информации засега не се официјално потврдени од авиокомпанијата.

Од „Ер Србија“ информираат дека по завршувањето на сите неопходни проверки и добивањето на потребните одобренија од аеродромските служби, патниците навремено ќе бидат известени за продолжувањето на патувањето.