- Од оваа година, фестивалот влегува во фаза на трансформација и осовременување на својата програмска структура и визуелен идентитет. Со нов меѓународен фестивалски совет и тим составен од истакнати професионалци од Европа и од светот, „Скопје филм фестивал“ се позиционира како водечки културен двигател во регионот и еден од темелните столбови во реализацијата на проектот „Скопје европска престолнина на културата 2028“
Во НУ Македонски народен театар (МНТ) официјално вечерва ќе започне 26. издание на „Скопје филм фестивал“, со премиерна проекција на најновиот игран филм „Идиот(и)“, во режија на познатото режисерско дуо Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. Фестивалската проекција на филмот е закажана за 20.30 часот.
Филмот ја следи штотуку венчаната двојка Фјодор и Ана, чиј меден месец во Баден се претвора во неочекуван повеќегодишен престој исполнет со искушенија додека тој го пишува своето ремек-дело „Идиот“. Градејќи ја сценаристичката рамка врз основа на книгата „Жената на коцкарот“ (The Gambler’s Wife) од Ендру Д. Кофман, како и од приватните дневници, мемоари и писма на младата Ана Достоевскаја, Шумовска и Енглерт создаваат комплексен и интимен портрет на една голема љубов и еден брачен однос полн со доза хумор, но и со страв и интимност.
– Има нешто во животната приказна на Фјодор и Ана што нè потсетува на нашето сопствено филмско патување. Токму како ние двајцата во минатото, тие патуваат кон Западот и исто така се чувствуваат по малку загубени таму. И исто како нив – иако веќе не сме во брак, но како уметници – и покрај сите тешкотии и разлики во карактерите, продолжуваме да чекориме заедно, делејќи го истиот уметнички пат по толку години. Ејми Лу Вуд и Џони Флин, кои на еден мистериозен начин ги доловија ликовите на Ана и Фјодор, ни признаа дека многу брзо сфатиле оти нашето режисерско дуо ќе им послужи како главна инспирација… тие дури и не знаеле кој од нас бил Федја, а кој Ана – истакнува режисерското дуо.
Со извонредните улоги на Џони Флин и Ејми Лу Вуд, „Идиот(и)“ го поставува високиот уметнички и емотивен тон за годинашното фестивалско издание.
Во рамките на фестивалската програма, младите филмски автори ќе имаат уникатна можност и за директна средба со полското режисерско дуо. Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт ќе одржат ексклузивен мастерклас в четврток, во Фестивалскиот центар во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток од 14.30 часот, каде што ќе ги споделат своето тридецениско искуство и нивниот специфичен креативен процес.
Ова 26. издание на „Скопје филм фестивал“ ќе се одржи од 4 до 9 ноември 2026 година.
Основан во 1998 година, „Скопје филм фестивал“ има повеќедецениска мисија да ја развива филмската култура и да ја поврзува домашната публика со современата светска кинематографија. Како препознатлив бренд и значајна платформа за авторски филм и нови уметнички изрази, фестивалот годишно привлекува меѓу 6.000 и 10.000 посетители, како и многубројни домашни и странски филмски професионалци.
Од оваа година, фестивалот влегува во фаза на трансформација и осовременување на својата програмска структура и визуелен идентитет. Со нов меѓународен фестивалски совет и тим составен од истакнати професионалци од Европа и од светот, „Скопје филм фестивал“ се позиционира како водечки културен двигател во регионот и еден од темелните столбови во реализацијата на проектот „Скопје европска престолнина на културата 2028“. С.Ј.
































