КОШАРКА – НБА
- Чувството е добро, но кога победуваме, чувството е
многу подобро. Тоа е единствената важна работа, рече Дончиќ, кој погодува тешки шутеви од целиот терен, има креативни додавања и остварува скокови, пишува АП
Иако Лука Дончиќ е во својата деветта сезона во кошаркарската НБА-лига како еден од најдинамичните стрелци, тој ретко бил подобар од сега, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Две недели по почетокот на сезоната, Дончиќ има еден брилијантен офанзивен настап по друг. Тој дури го направи тоа двапати по ред во два дена, постигнувајќи 45 поени и 15 скока во победата на дуелот со Торонто во неделата, пред да постигне 42 поени, 13 асистенции и седум скока во уште една победа, на мечот со Мајами, во понеделникот.
– Чувството е добро, но кога победуваме, чувството е многу подобро. Тоа е единствената важна работа – рече Дончиќ, кој постигна најмалку 37 поени во пет последователни натпревари, над 40 во четири од тие натпревари и имаше 34 тројки во тој период, а вкупно погоди 53,1 отсто од шутевите.
Тој погодува тешки шутеви од целиот терен, има креативни додавања и остварува скокови, пишува АП.
– Лудо е. Се чувствува како речиси сѐ што шутира дека ќе влезе. Тоа е малку надреално. Не мислам дека некогаш сум бил на теренот кога сѐ што некој шутира мислиш дека влегува. Навистина е лудо каков е тој, сигурно – рече бекот на Лејкерс, Квентин Грајмс, пренесе АП.
Дончиќ освои две од претходните три титули за постигнување поени во НБА-лигата и повторно е лидер со голема разлика.
– Живееме на вселенски брод и се движиме со брзина на светлината во секое време кога тој е на теренот. Кога му оди, тоа е „избери го својот отров“, бидејќи може да шутира како било. А потоа почнуваат да ставаат двајца и сите други имаат корист од тоа. Тој е одлична офанзивна машина – рече тренерот на ЛА лејкерс, Џеј Џеј Редик.
Противниците реагираа на играта на Дончиќ со тоа што го нападнаа со двајца или тројца дефанзивци далеку надвор од линијата за тројки. Лејкерс веќе прави очигледни приспособувања на таа стратегија, Дончиќ постојано ги наоѓаше своите соиграчи во подобри позиции во претходните два меча, а тие уживаа во нивните отворени удари за тројки, пишува АП. Лејкерс имаше 39 асистенции против Мајами, најмногу во еден меч откако Редик го презеде тимот во 2024 година и води во лигата по процент на постигнати поени од поле, пишува АП.
– Не сум само јас, туку сите. Сите се на вистинските места и шутираат со самодоверба – рече Дончиќ. Н.М.
































