Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски престојуваше во работна посета на Флорида, САД, каде што учествуваше на годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP), одржана во Орландо. На конференцијата, која е меѓу најголемите светски собири на полициски професионалци, во фокусот беа иднината на полициското работење и современите безбедносни предизвици.

Во рамки на посетата, Тошковски остварил повеќе средби, меѓу кои и со Николас Колура, директор на Дипломатската служба за безбедност при Стејт департментот на САД, како и со Рик Смит, основач и главен извршен директор на компанијата „Axon“, која развива технолошки решенија за јавната безбедност.

На средбата со Смит биле разгледани можностите Македонија да стане регионален демонстрациски центар за технологиите на „Axon“. Според Министерството за внатрешни работи, преку практична примена на современи решенија, вклучително и вештачка интелигенција, би се презентирале нови модели на полициско работење пред институциите од регионот.

Од МВР посочуваат дека ваквата иницијатива би можела да придонесе за продлабочување на регионалната соработка и за размена на знаења, искуства и технолошки иновации.

Тошковски, на покана на шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, учествувал и на Глобалниот самит за иновации (Global Innovation Summit). Таму биле разгледани практичните примени на вештачката интелигенција, беспилотните летала и антидронските системи во заштитата на јавните простори, критичната инфраструктура и безбедноста на населението.

Во рамки на работната посета, министерот го посетил и Полицискиот оддел во Мајами, каде што се запознал со оперативните модели на американската полиција, вклучително и употребата на системи за видеонадзор, напредна аналитика и обработка на информации во реално време.

Според МВР, овие технологии овозможуваат побрзо препознавање на безбедносните закани, подобра координација на полициските единици и поефикасна реакција при инциденти.

Тошковски истакнал дека размената на искуства со развиените полициски системи е важна за модернизацијата на македонската полиција и за воведувањето технолошки решенија во секојдневното работење.

– Нашата цел е искуствата и современите технологии да ги преточиме во практични решенија што ќе овозможат побрза помош за граѓаните во критични ситуации, поефикасно спречување на криминалот и поголема заштита на животот и имотот –  нагласил Тошковски.

Од Министерството наведуваат дека посетата на САД претставува можност за унапредување на меѓународната полициска соработка, размена на добри практики и разгледување нови пристапи за технолошко зајакнување на капацитетите на македонската полиција.

– Целта е јасна – македонската полиција да биде чекор пред криминалот, побрза во реакцијата, поефикасна во заштитата и поблиску до граѓаните – се наведува во соопштението на МВР.