Фото: Нова Македонија

Јавниот обвинител Елвин Вели, претседателот на Советот на јавните обвинители Башким Бесими и јавната обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Наташа Поп Трајкова, учествуваат на регионална конференција во Будва, Црна Гора, организирана на покана на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

На конференцијата „Од хартија до практика: Како реформите во правосудството да дадат резултати во предметите на организиран криминал и корупција“ беше презентиран извештајот од набљудувањето на судските постапки во Западен Балкан.

Според соопштението на Јавното обвинителство, извештајот ја издвојува транспарентноста на институцијата во врска со предметите од висок јавен интерес, оценувајќи ја позитивно во споредба со другите земји во регионот. Се посочува и посветеноста на воспоставувањето стратешки рамки за поголема отвореност и отчетност, меѓу кои и усвојувањето комуникациска стратегија за зајакнување на довербата на јавноста и унапредување на професионалната комуникација.

Како позитивни практики во работата на обвинителството се наведуваат ефективното изведување докази и постапувањето пред судот. Во неколку предмети, јавните обвинители активно учествувале во планирањето на судењата, предлагале реални распореди за изведување докази и преземале одговорност за повикување на сопствените сведоци. Извештајот препорачува овие практики да продолжат доследно да се применуваат.

ОБСЕ ги издвојува и активностите на Здружението на јавните обвинители, реализирани во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, насочени кон подобрување на квалитетот на обвиненијата. Државното јавно обвинителство ги поддржало иницијативите, со посебен акцент на унапредувањето на изведувањето докази пред судот и зајакнувањето на ефективноста на јавните обвинители за време на судските постапки.

Како позитивен чекор се оценуваат и активностите за подготовка на нови прописи за надзор над работата на јавните обвинителства и за професионална оцена на јавните обвинители. Иницијативата е поддржана преку Проектот за владеење на правото, финансиран од Европската Унија, а нејзината цел е усогласување на постојните внатрешни прописи и воспоставување појасни механизми за надзор и оценување.

Сепак, извештајот укажува и на недоволните човечки и финансиски ресурси со кои располага обвинителството, оценувајќи ги како важен предуслов за зголемување на ефикасноста.

-Се чини дека ова е едно од најкритичните прашања што бара паралелен пристап: континуирани напори од страна на обвинителството за подобрување на ефикасноста, во комбинација со соодветна институционална поддршка и обезбедување ресурси – се наведува во извештајот.

Во документот се посочува дека е неопходно истовремено да се работи на подобрување на ефикасноста и на обезбедување дополнителни ресурси, со цел да се надмине состојбата во која се очекуваат подобри резултати пред да се обезбедат условите за нивно постигнување.

Во рамките на регионалниот проект, во Македонија биле набљудувани 72 судски предмети – 16 за кривични дела од областа на организираниот криминал и 56 за корупција. Според соопштението, тоа е најголем број предмети опфатени со набљудувањето во споредба со другите земји во регионот.

Предметите биле избрани врз основа на тежината на кривичните дела, статусот на обвинетите и степенот на јавен интерес. Приоритет им бил даден на постапките во кои правната сигурност, институционалниот кредибилитет и довербата на јавноста се од особено значење.

Извештајот ја оценува ефективноста на правосудството преку три меѓусебно поврзани аспекти: институционалните капацитети, правичноста и ефикасноста. Притоа, се разгледуваат квалитетот и доследноста на професионалната работа, гаранциите за правично судење, еднаквоста пред законот и образложеноста на судските одлуки, како и управувањето со сложеноста на предметите, времето и расположливите ресурси.

Јавното обвинителство, како што се наведува во соопштението, продолжува да ги унапредува практиките за редовна комуникација со јавноста преку објавување соопштенија и резимеа, како и организирање брифинзи за предметите опфатени со Регионалниот проект за набљудување судски процеси во Западен Балкан, кој го спроведува ОБСЕ со финансиска поддршка од Европската Унија.