Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство, Сашо Клековски, учествува на 76. седница на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, што се одржува во Копенхаген. На седницата министрите за здравство од европскиот регион разгледуваат извештаи и предлози за идните активности на организацијата, а своите програми ги претставија и шест кандидати за нов генерален директор на СЗО.

Во своето обраќање, Клековски истакна дека Македонија се соочува со предизвици што се заеднички за целиот регион, меѓу кои демографските промени, стареењето на населението, зголемениот товар на незаразните болести и одливот на здравствени кадри.

Тој нагласи дека дигиталната трансформација е еден од главните национални приоритети, со цел да се изгради подобро поврзан, поефикасен и потранспарентен здравствен систем.

– Вложувањето во здравството е инвестиција во економскиот и социјалниот развој. Затоа, дигиталната трансформација е еден од нашите најважни национални приоритети. Сакаме поповрзан, поефикасен и потранспарентен здравствен систем – изјави Клековски.

Како друг клучен приоритет, министерот го посочи зајакнувањето на примарната здравствена заштита, со посебен акцент на превенцијата и раното откривање на незаразните болести, вклучително и малигните заболувања.

Во областа на превенцијата, Министерството за здравство ги засилува активностите за спроведување на забраната за пушење и подготвува мерки поврзани со засладените пијалаци.

Меѓу останатите приоритети се подобрувањето на пристапот до лекови, поголемата финансиска заштита на пациентите, модернизацијата на законската регулатива и обезбедувањето одржливо финансирање на здравствениот систем.

Клековски ѝ се заблагодари на Светската здравствена организација, особено на нејзината канцеларија во Скопје, за континуираната техничка поддршка и партнерството во спроведувањето на реформите во здравството.