Владата донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, кој ќе ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници, ќе ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и ќе подготви национален акциски план до 15 декември годинава. Ова попладнево го соопшти владината портпаролка Марија Митева.
На прес-конференција, Митева посочи дека комитетот ќе претставува институционален механизам за унапредување на безбедноста на новинарите, спречување закани и напади и создавање услови за слободно и непречено вршење на новинарската професија.
Акцискиот план ќе се темели на четири клучни области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите, како и промоција и едукација.
– Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита – истакна Митева.
Во делот на превенцијата, акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите. Во рамките на заштитата, пак, се предвидува развивање механизми за брза реакција, обезбедување полициска и правна помош и заштита од закани во дигиталниот простор.
Посебно внимание ќе се посвети на навременото постапување во случаите на напади и закани кон новинари. Според Митева, преку соработка со надлежните институции ќе се настојува да се обезбедат ефикасни истраги и соодветно санкционирање на сторителите.
Во составот на Националниот комитет ќе влезат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа, со што активностите ќе се поврзат со европските заложби за заштита на медиумските слободи.
Митева нагласи дека посебен фокус ќе биде ставен на новинарите кои секојдневно известуваат од терен, истражуваат теми од јавен интерес и работат во сложени околности.
– Нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат. Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики – порача таа.
Митева додаде дека определбата на Владата е институциите да бидат отворени кон јавноста, да се почитува слободата на изразување и на секој новинар да му се овозможи професионално и безбедно да ја извршува својата работа.
































