Фото: Александар Николоски/Фејсбук

Инвестициите во патната и железничката мрежа на коридорите 8 и 10 се реализираат забрзано, Македонија бележи раст на економијата, цената на горивото е убедливо најниска, не само во целиот регион, туку во цела Европа. Владата продолжува да го стимулира извозот, зашто тоа е прв приоритет за домашната економија, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Форумот за глобална трговија и раст 2026 што го организира Швајцарската комора на Македонија.

Како што истакна Николоски, извозот е приоритет зашто доколку се ограничиме само на домашниот пазар, тогаш би биле далеку и од ова ниво на економски раст што го имаме сега.

– Извозот е број еден приоритет за домашната економија, нешто што многу го стимулираме, го поддржуваме како Влада. Драго ми е дека расте, драго ми е дека странските компании што имаат инвестирано, продолжуваат да растат. Исто така, доаѓаат и нови компании кои сакаат да инвестираат, но она што ми е исто посебно драго е што домашните компании сè повеќе излегуваат на странскиот пазар. Очекувам далеку повеќе да растеме во следниот период – потенцира Николоски.

Според него, цената на железничките услуги, што ги даваат Македонски железници Транспорт, исто така се најевтини и најконкурентни во регионот.

-Мислам дека наша задача во следниот период ќе биде да ги одржиме овие цени, имајќи ги предвид глобалните предизвици – рече Николоски.

Владата, додаде, останува силно посветена на поддршка на домашните, но и на странските компании.

Николоски укажа дека дополнително треба да се работи на стандардизација, за да се подигне нивното на конкуретност на странските пазари, пренесува МИА.